Османи од утре на надворешно политичка турнеја

Бујар Османи, министер за надворешни работи на РСМ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи од утре е на надворешно-политичка турнеја со цел билатерални средби и учество на значајни меѓународни настани. Како што соопшти МНР, утре Османи е во посета на Германија на средби со министерот за надворешни работи, Хајко Мас, како и државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот.

Посетата, според соопштението, има за цел да се продолжи високиот политички дијалог со Германија, но и да се реафирмираат германските позиции во однос на нашето европско досие, особено пред одржувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија.

Од Берлин, Османи продолжува за Полска каде ќе учествува на „Безбедносниот форум во Варшава“.Во Варшава Османи, ќе оствари средби со неговиот полски колега, министерот, Збигњев Рау, како и со финскиот министер за надворешни работи, Пека Хависто и со други значајни политички претставници активни во сферата на безбедноста и транс-атлантските односи.

В среда Османи ќе се приклучи на државната делегација, предводена од претседателот на Владата, со цел учество на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржува во Брдо кај Крањ, во Словенија.