Достапни линкови

Мал самит - големи очекувања: Западен Балкан чека одговор во Брдо


Илустрација
Илустрација

Дали има неединство во ЕУ за проширување со земјите од Западен Балкан ќе покаже претстојнит Самит во Брдо, во Словенија. Меѓу инсајдерската информација објавена од Ројтерс дека „веќе ќе нема гаранции за проширување“ и демантот од Европската комисија, стои оптимизмот на регионалните лидери

На 6 октомври во Брдо, во Словенија, ќе има уште еден самит на Европската унија (ЕУ) и земјите од Западен Балкан. Иако неформален, политичкиот врв на земјите од регионот го гледаат како можност за кристализирање на заедничкиот став на ЕУ-членките кон проширувањето, но и како можност за деблокирање на пристапниот процес, што може да ги помести напред надежите на Македонија и Албанија дека нешто може да се промени во врска со нивното членство, можеби и до крајот на годинава.

Овој Самит, иако беше претходно закажан, ќе се случи откако новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на нејзини дипломатски извори во ЕУ, објави дека „Унијата веќе не може да се усогласи да даде гаранција за идно членство на шесте балкански земји“.

„ЕУ, плашејќи се од политички реакции во земјите-членки, веќе не може да се согласи да им даде гаранција за идно членство на шесте балкански земји“, објави Ројтерс.

Планирана е Декларација во Брдо

И покрај овие информации, како и покрај тоа што формално Самитот во Словенија не е за проширување на Унијата, според декларацијата во која Радио Слободна Европа имаше увид, поддршка ќе има.

„ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и ја поздравува посветеноста на партнерите од тој регион кон европската перспектива, што е во заеднички стратешки интерес и останува наш стратешки избор“, стои во Предлог-декларацијата која треба да се најде пред учесниците на претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан, кој треба да се одржи на 6 октомври во Брдо во Словенија.

Радио Слободна Европа имаше увид во Предлог текстот, во кој стои дека ЕУ ја потврдува својата посветеност кон процесот на проширување и нејзините донесени одлуки врз основа на тоа, врз основа на веродостојни реформи од страна на партнерите, праведна и ригорозна условеност и принцип на сопствените заслуги.

Претходно, македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров, на средбата со пратеникот во Бундестагот од редовите на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Јосип Јуратовиќ, изјави дека Периодот што претстои e одлучувачки за евроинтеграцијата на регионот.

„ЕУ е на тест дали ќе опстои како партнер на прогресивните сили кои се залагаат за европската визија или со своето делување, односно неделување, ќе остави простор на компетитивните идеи поради кои сите сме губитници“, изјави Димитров.

Што му кажале неименуваните дипломати на Ројтерс

Станува збор за застој во усогласувањето на декларацијата за самитот меѓу лидерите на ЕУ и на Балканот закажан за 6 октомври. Според Ројтерс која се повикува на изјави на четворица дипломати и на интерен документ на Унијата, тоа е ниска точка во стратегијата на ЕУ за вклучување на Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија во Унијата. Сето ова се совпадна и со тензиите на границата меѓу Косово и Србија. Според нацрт-декларацијата, во која Ројтерс имал увид, на самитот ЕУ планирала да го повтори ветувањето дадено пред 18 години за „својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан, но, според изјавите на дипломатите за Ројтерс, таа декларација „поминала најмалку две рунди преговори без да биде постигнат договор“.

ЕУ-членките, како што наведува Ројтерс, нема да ги откријат своите позиции, но земјите како Данска, Франција и Холандија стравуваат од повторување на брзото пристапување на Романија и Бугарија во 2007 година и од лошо управуваната миграција на работниците од Источна Европа во Британија, што доведе повеќето Британци да бидат против Европската унија.

Пред две години Франција и Холандија привремено го прекинаа процесот на проширување, а сега тоа го прави и Бугарија, со ветото за Скопје, спорејќи ги јазикот, идентитетот и историјата на Македонија.

Според МИА, првата верзија на декларацијата била: „ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западниот Балкан и ја поздравува заложбата на партнерите од Западен Балкан кон европската перспектива, што е наш заеднички стратегиски интерес и останува наш стратегиски избор“. Но, неколку членки, кои силно се залагаат за проширувањето, побарале да стои поексплицитна и поизразена поддршка за овој процес. Ова барање, според дипломати присутни на состаноците, објави МИА, ги разгневило традиционално скептичните Франција, Холандија и Данска, кои за возврат „побарале да се набројат строгите услови за проширувањето и со тоа сакале да испратат порака дека проширувањето не е готова работа“.

Фон дер Лајен: Мојата посета е експлицитна порака

По објавата на Ројтерс веднаш реагираше Европската комисија (ЕК).

„Иднината на целиот Западен Балкан е во Европската унија. Европската комисија е цврсто посветена на унапредување на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Албанија и Северна Македонија. Политиката на проширување е стратешка инвестиција во стабилност и сигурност на ЕУ, како и тоа дека лидерите на ЕУ повеќе пати досега повториле, вклучително и за последниот самит во Загреб, дека се недвосмислено посветени на европската перспектива“, напиша портпаролката на ЕК, Ана Писонеро Ернандез, во писмен одговор до Гласот на Америка на српски јазик, во врска со текстот на агенцијата Ројтерс.

„Неможноста за гаранции“ објавена од Ројтерс се поклопи со балканската турнеја на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, и со посетата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на Скопје. Проширувањето на ЕУ со земјите од Балканот во нивните изјави не беше ставено под знак прашалник.

Фон дер Лајен, негираше одредени медиумски наводи дека Брисел се откажал од проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан и рече дека нејзината посета е „експлицитна порака за европската перспектива на регионот“.


„Постигнавте извонреден напредок и донесовте храбра одлука. Иднината на Северна Македонија е во ЕУ и ве сакаме покрај нас. Сега ЕУ треба да испорача, не губете верба, но треба да направиме уште еден чекор напред, порача дер Лајен на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев во Скопје.

Таа рече дека со целото срце посакува почетокот на преговори со Албанија и Македонија да почнат до крајот на годинава, но не одговори директно на новинарското прашање дали ако не се надмине бугарската блокада, Македонија и Албанија ќе се разделат на европскиот пат, и рече дека фокусот сега е двете држави да започнат со преговорите до крајот на годинава.

Вархеји: Со нетрпение го очекувам Самитот во Словенија

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, по посетата на Скопје не одржа прес-конференција со премиерот Заев, но на Твитер напиша дека со неговиот домаѓин разговарале за тоа како да се придвижи напред процесот на проширување преку отворање преговори за членство со Северна Македонија и со Албанија.

„Со нетрпение го очекуваме Самитот ЕУ-Западен Балкан идната седмица во Словенија. Западен Балкан е клучен приоритет за Европската комисија, иднината на регионот е во ЕУ“, напиша еврокомесарот на Твитер и додаде дека се согласиле брзо да почнат да ги спроведуваат првите најважни проекти од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, за да се поттикне економскиот развој во Македонија и регионот.

Од Европската комисија, пред посетата на Вархеји на Скопје, посочија дека еврокомесарот е во комуникација со сите релевантни страни во однос на дискусијата за почеток на преговорите со Македонија и Албанија што е можно поскоро. Вархеји претходно беше во Бугарија каде што со претседателот Румен Радев и техничкиот министер за надворешни работи Светлан Стоев разговараше за отстранување на бугарската блокада за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.

Заев оптимист, ВМРО-ДПМНЕ критичка

И македонскиот премиер по средбата со Вархеји се огласи само преку Твитер.

„Денеска во Скопје имав средба со еврокомесарот Вархеји. Една од темите за разговор ни беа и подготовките кои ни претходат за претстојниот Самит за Западен Балкан во Словенија следната недела каде ќе имаме одличен простор за заедничка дискусија. Европскиот пат е важен за двете страни и посветени сме на тој процес“, напиша Заев.

Претходно Заев изрази оптимизам дека на 6-ти октомври во Словенија ќе бидат направени потребните чекори за деблокирање на проширувањето на ЕУ, а сега, по средбата со шефицата на ЕК, дер Лајен, кога нагласи дека „верува оти до крајот на годинава може да се најде решение кое ќе ги почитува идентитетските прашања и македонскиот јазик“.


Официјално Скопје често повторува дека идентитетските прашања не се тема на разговор и за нив нема компромис. Под идентитетски прашања македонската влада ги споменува јазикот и признавањето на корените на нацијата. Официјална Софија, пак, исто така, често повторуваше дека Скопје треба да признае дека македонскиот јазик е само норма на бугарскиот и дека македонската нација не постоела до 1944 година односно да ја признае „историската вистина за бугарските корени на идентитетот“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја протолкува објавата на Ројтерс, како нова препрека на патот кон ЕУ за која е виновна Владата на Заев.

„Сведоци сме на уште едно разочарување на патот кон ЕУ. Македонија се соочува со нови предизвици и препреки. Во објава на агенцијата Ројтерс ноторно е дека Европската Унија не се согласува со гаранции за членство на земјите од Балканот во Унијата, повикувајќи се на интерен документ. Зад овие заклучоци има две работи кои се факти, и тоа: Прво, можниот отпор за проширување од некои членки на Унијата е затоа што Македонија во изминативе години не напредува, им второ, Македонија не напредува затоа што со оваа Влада тоа е невозможно“, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Порака и за Албанија и за Србија

Претседателката на ЕК, дер Лајен, пред да дојде во Скопје, беше и во Тирана, на средба со премиерот Еди Рама и претседателот Илир Мета. И оттаму прати порака за „европска иднина“.

„Мило ми е што ја започнав посетата на Западен Балкан од Албанија. Мојата порака е јасна: Иднината на Албанија е во ЕУ. Европската комисија силно се придржува кон оваа определба. Со добар напредок во реформите во правосудството, Албанија постигна успех. Сега ЕУ мора да го стори истото“, напиша таа.

Посетата на Лајен на регионот се совпадна и со напорите на Белград и Приштина да ја решат кризата на нивната граница поради мерката со времените косовски таблички на српските возила при влез во Косово. Таа претходно им порача дека дијалогот е начинот за решавање на споровите и дека така треба да продолжат во духот на европската перспектива, а потоа и го поздрави постигнатиот договор.

„Ова е многу позитивен развој по моите средби со претседателот Александар Вучиќ и премиерот Албин Курти. Тоа е добро за целион регион, дијалогот сега треба да продолжи“, напиша дер Лајен на Твитер.

Османи: Важно што во Брдо ќе седнеме на иста маса

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, пред посетата на дер Лајен, а како коментар на објавата на Ројтерс, рече дека поддршката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е недвосмислена, но дека „пораката не е добра во однос на едногласноста на ЕУ“.

„Во подготовките на телата на ЕУ за заедничката декларација која треба да се усвои на Самитот во Брдо се појави дилемата дали овој самит е воопшто за проширување и дали зборот „проширување“ треба да стои во тој документ. Некои тоа го интерпретираат како продолжување на евроскептицизмот на одредени држави, што не е ништо ново. Други го интерперетираат повеќе во дефинирање на конкретниот самит, дали е самит на проширување или е самит во кој само се покажува фокусот на ЕУ кон Западниот Балкан“, изјави Османи.


Тој посочи дека, без разлика за која варијанта и да станува збор, пораката не е добра во однос на едногласноста на ЕУ во односот кон Западен Балкан, што сепак, како што вели, но не е ништо ново.

„Има земји членки кои сметаат дека ЕУ претешко функционира за да може да дојдат да се зачленат уште шест нови земји членки, да се закануваат со нивните права на вета, со нивните комесари“, потенцира Османи и додава дека сепак е добро што на Самиот во Брдо кај Крањ на иста маса ќе седнат челниците на ЕУ и на земјите од Западниот Балкан и повторно ќе се разгледуваат перспективите на регионот.

Ќе има или ќе нема недвосмислена поддршка на претстојниот неформален Самит ЕУ-Западен Балкан околу проширувањето на Унијата е клучното прашање деновиве во целиот регион, а одговорот би требало да се види од декларацијата од Брдо, на 6 октомври.

И визната либерализација под прашалник

Додека се пренесување информацијата на Ројтерс, дел од медиумите во четвртокот објавија и документ на ЕУ во кој се вели дека некои земји како Германија и Франција ја разгледуваат можноста за укинување на безвизниот режим поради наводни злоупотреби на некои земји од Западен Балкан, како и Молдавија, Грузија и Украина. Според тие објави, во документот од 27 септември се наведува дека меѓу злоупотребите се незаконски престој и неосновани барања за азил.

Премиерот Зоран Заев во врска со злоупотребите на визната либерализација во ЕУ рече дека земјава го нема тој проблем, но дека не значи оти не треба да бидеме загрижени за нешто што го има во Западен Балкан.

„Визната либерализација има свои критериуми, свои стандарди, коишто мора да бидат почитувани и мора да бидат одржани. За жал многу често се злоупотребува, ама од поединци“, рече Заев.

Визниот режим на ЕУ за Црна Гора, Србија и Северна Македонија беше укинат во декември 2009 година, потоа за Албанија и Босна во 2010 година, за Молдавија во 2014 година и Грузија и Украина во 2017 година.

XS
SM
MD
LG