Косовските и српските преговарачи утре на средба во Брисел

Питер Стано - портпарол за надворешни работи на Европската унија.

Европската Комисија потврди дека утре ќе се одржи рунда преговори помеѓу Косово и Србија во Брисел. Портпаролите на Европската комисија денеска беа во можност да потврдат дека средбата ќе се одржи откако две недели ситуацијата на северот на Косово ескалира, јавува МИА.

Портпаролот за надворешни работи Петер Стано изјави дека деескалацијата е главен приоритет, а дека вториот е враќање на ситуација каде ќе се разговара за сите отворени прашања во рамки на дијалогот за нормализација на односите.

„Сите проблеми треба да се дискутираат во рамките на дијалогот што го олеснува ЕУ, позиција на целата ЕУ е дека двете страни треба да ги решат прашањата во рамките на дијалогот за да се постигне правно обврзувачки договор за нормализација на односите и да се избегнат вакви ситуации во иднина“, изјави Стано.

Тензиите во односите Белград-Приштина се зголемија минатата недела, кога специјалните сили на косовската полиција дојдоа на премините Јариње и Брњак во северно Косово за да ја спроведат одлуката на Приштина за одземање и замена на српските регистарски таблички.

Срби од северно Косово од тогаш ги блокираат патиштата кон Јариње и Брњак, по кои може да се помине само пеш.