Заев: не се мешам во работата на историската комисија

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека ќе се брише придавката „бугарски“ од спомениците и од учебниците во кои сега пишува „бугарски фашистички окупатор“ затоа што фашизмот нема етничка боја. Тој рече дека целта е да се избрише зборот бугарски, но ќе остане фашистички.

„Ако има одредени други провокации кон нацијата, а не кон фашизмот и однесувањето во тој период, не можете да кажете дека градите добрососедство. Но, не смееме да обвинуваме цели нации за фашизам, како што не смее да се обвинува ниту германската, италијанската, или јапонската па така и бугарската“, рече Заев.

На новинарско прашање дали ќе се брише и германскиот и италијанскиот окупатор тој не кажа конкретно, туку додаде дека имало соработници со фашистичкиот окупатор и овде во Македонија.

„Ги знаеме сите тие соработници на фашизмот и апсолутно не треба според мене, а еве и јавноста нека каже, да изедначуваме цели нации, цели етникуми со фашизмот затоа што не е ред така“, рече Заев.

Премиерот не смета дека менување на терминот бугарски и во учебниците е мешање во работата на заедничката македонско бугарска комисија за историски и образовни прашања.

„Назначувањето или именувањето на фашистички окупатор или давајќи етничка димензија на фашистичкиот окупатор не е делокруг на работата на историската комисија. Историската комисија го работи делот на историските моменти, на тоа што се случувало до тогаш, кој каков револуционер бил, за што се борел, кој каков партизан бил или припадник на фашистичкиот режим во тоа време. Политичкиот аспект е делот на политиката и затоа слободно го дискутирам“, рече Заев.

Инаку комисијата е составена според Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов. Досега одржа 14 состаноци, а последниот во јуни заврши со став на македонскиот тим дека Бугарија сака да наметне свој поглед на минатото. Тие усвоија препораки за учебниците за историја во петти клас во Бугарија и шесто одделение во Македонија.

Односите меѓу Скопје и Софија поради кој источниот сосед ја блокира македонската европска интеграција беа во фаза на мирување поради изборите во Бугарија кои и покрај двата циклуса годинава не донесоа можност за формирање политичка влада.

Во ноември таму ќе се одржат нови парламентарни избори заедно со претседателските, а темата за спорните точки меѓу двата соседа, главно поврзани со историјата, повторно се отвори по посетата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на Софија.

По средбата со него неделава бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека Бугарија очекува ефективни активности од институциите на Европската унија за промовирање на вредностите на демократија и почитување на човековите права во Република Северна Македонија.