Достапни линкови

Борците навредени, Заев ги разбира негативните емоции


Споменик на ослободителите на Скопје, лоциран пред здрадата на Владата.
Споменик на ослободителите на Скопје, лоциран пред здрадата на Владата.

Сојузот на борци бара премиерот Заев да се огради од своите ставови дадени во интервју за БГНЕС. Историчарот Петар Тодоров вели дека секоја изјава која ќе ги оживее старите и ќе создаде нови проблеми во односите меѓу државите и народите може само негативно да се одрази на работата на Комисијата.

Не можеме да го прифатиме оваа омаловажување на нашата борба и не можеме да прифатиме ревизија на општо прифатената оцена за Втората светска војна, велат од Градскиот одбор на Сојузот на борци - Скопје по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската новинска агенција БГНЕС, во кое рече дека во Втората светска војна немало бугарска окупација, туку администрација во Македонија.

„Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и членовите продолжувачи е изненаден од неодмерените квалификации на премиерот Зоран Заев, изнесени во интервјуто дадено на бугарски медиум. Како учесници во најсветлиот дострел на вековната борба на македонскиот народ за своја слобода – НОБ, се чувствуваме навредени од омаловажувањето на нашата борба. Погодени сме што со тоа се врши ревизија на општоприфатената оцена од светската историја за Втората светска војна. Очекуваме премиерот да се огради од изнесените свои ставови“, стои во соопштението на Градскиот одбор на Сојуз на борци.

Пред неполни две недели на одбележувањето на 13 Ноември, Денот на ослободување на Скопје, претседателот на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОБ, Трајко Стаматоски во говорот пред Споменикот на ослободителите рече дека денес сме сведоци на оспорување на македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

„Ние борците сме посебно чувствителни кога се омаловажува и негира Народно-ослободителната борба. Ние борците многу добро знаеме против кого се боревме и со какви жртви. Се сеќавам на борбата на генерал Михајло Апостолски да не дозволи влез на бугарската војска во Скопје“, рече Стаматоски.

Заев во интервјуто рече дека веќе се заменети 20 табли во земјата на кои пишувало Бугарски фашистички окупатор, оти Бугарија не е фашизам.

„Имало некогаш некоја администрација, во тој момент, на почетокот, а потоа Бугарија се дига заедно со антифашизмот, се бори за слобода, за демократија и апсолутно е дал од антифашистичкиот фронт. Бугарски и македонски војски ослободуваат територии – Крива Паланка, Куманово, Скопје и во целиот овој дел“, рече Заев.

Историјата не треба да биде политичка алатка

РСЕ побара став од историчарот Петар Тодоров, кој е член на македонскиот тим од заедничката Комисија со Бугарија за историски и образовни прашања.

РСЕ: Како Комисијата ги коментира изјавите на премиерот Заев дека за Втората светска војна на почетокот, малку, имало бугарска администрација?

Во однос на историјата на Втората светска војна и ова прашање, како историчар можам да кажам дека тогашната бугарска држава, Царство Бугарија, како дел од Тројниот пакт во април месец 1941 година воено окупира или како што се вели на македонски јазик, зазема делови од Грција и Југославија, вклучувајќи го и поголемиот дел од Македонија каде воспоставува своја администрација.

РСЕ: Колку вакви изјави, како на премиерот Заев за БГНЕС, ѝ одмагаат во работата на мултидисциплинарната Комисија?

Моите колеги, но и јас како член на Комисијата, неколку пати сме спомнале дека политиката треба да создава услови за да можат историчарите и сите оние кои по еден или друг начин го проучуваат минатото да работат ослободени од политички и идеолошки притисоци. На ниту еден начин историјата не треба да биде политичка алатка. Оттука, сметам дека секоја изјава која ќе биде во насока на охрабрување за да се надминат проблемите наследени од минатото се добредојдени, а секоја изјава која ќе ги оживее старите и ќе создаде нови проблеми во односите помеѓу државите и народите може само негативно да се одрази на работата на Комисијата, ни одговори Тодоров на прашањата на РСЕ.

Изјавите на Заев носат повеќе штета, отколку корист

Поранешната пратеничка Ивана Туфегџиќ, вели дека изјавите на премиерот Зоран Заев за странски медиуми во овој случај носат повеќе штета отколку корист.

„Прво, дел од наводот кој вели дека Бугарија тука имала „некаква администрација“ ги руши напорите на историската комисија. Второ дека Бугарија ни е пријател, ама Југославија не разделувала е навод кој оди во насока на изјавите на Захариева дека не можеме во ЕУ, ако го славиме Тито, притоа и Словенија и Хрватска влегоа во ЕУ, ама немаше свечено откажување од Тито. Трето што не го посочи премиерот во интервјуто се црвените линии. Црвената линија покрај јазикот, е антифашистичката борба. Антифашистичката борба е силно втемелена во македонската државност и која не може да биде негирана“, вели за РСЕ, Туфегџиќ, која беше активен претставник на Студентскиот пленум, учесник во „Шарената револуција“, а потоа влезе во Собранието како независна пратеничка, на кандидатската листа на СДСМ. Туфегџиќ вели дека премиерот требал да запраша каква е позицијата на ЕУ кон ревизионизмот кој го покажува Бугарија, бидејќи таквиот ревизионизам ако е толериран, тогаш фашизмот е пожив од било кога. Таа вели дека е некоректно и недржавнички Премиерот да го омаловажува искуството на Претседателот, каде било, а особено во странски медиуми.

Уште еден активист во Шарената револуција, а потоа и дел од администрацијата на Заев, кој сега работи за меѓународна институција, Бранимир Јовановиќ на својот Фејсбук профил меѓу другото пишува:

„Фашистичка окупација не смее да се нарекува „администрација“. Тоа е негирање на фашизмот. Тоа е како холокаустот да го наречеш „владеење“. Просто недозволиво. Особено кога скоро секој од нас има некој во семејството кој страдал од тие окупатори. Да, ова мрачно минато не треба да нè спречи да градиме добрососедски односи со Бугарија. Да, денешните Бугари не се виновни за фашистичките злодела од пред 80 години, исто како што не се виновни ни денешните Германци или Италијанци. Но едно е да викаш дека минатото не треба да биде пречка за градење добри односи во иднината, а друго е да негираш дека мрачното минато се случило“, пишува Јовановиќ на Фејсбук.

Заев за БГНЕС и ден потоа

Во интервјуто направено во македонската Влада на дел од прашањата Заев одговараше на струмички дијалект, употребувајќи и зборови на бугарски јазик, велејќи дека струмичани и петричани имаат ист дијалект, ист јазик. Заев рече дека со Бугарија немаме споделена, туку заедничка историја.

„Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кои се бореа за слободата на Македонија и Одринско. Југославија не разделуваше и ако не ги признаеме слабостите на историјата нема да можеме да ја градиме иднината“, рече Заев во интервјуто.

Ден по објавувањето на интервјуто Заев во изјава за медиуми, пак, рече дека нашата државност почива на делата на антифашизмот, но дека е неприфатливо на фашизмот да му се даваат етнички карактеристики. Заев вели дека не ни треба историја која раздвојува и дека време било да се создаде историја која создава иднина за младите. Тој изрази жалење што интервјуто предизвикало силни негативни емоции, за кои, како што рече, е целосно свесен и ги разбира до детал.

„Ни треба историја која гради мост на пријателство меѓу народите, преку глава ни е од истории кои создаваат раздор и поттикнуваат нетрпеливост. Дајте да живееме денес. Време е да создаваме историја која создава иднина за младите и за идните генерации“, рече Заев.

Димитров - Бесмртниот „вирус“ на идеали против кој залудно се бара „вакцина“

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на Фејсбук пишува дека „идејата на договорот беше историјата да им се остави на историчарите, за ние да се занимаваме со сегашноста и со иднината. Да ги решаваме билатералните прашања билатерално, без тие да бидат пречка на патот кон ЕУ.

„Македонскиот јазик и самоопределување, државотворноста и идентитетот ниту можат да бидат пречка за интеграција со Унија, која почитува културни и јазични различности како темелна вредност, ниту можат да бидат пречка за вистинско пријателство, бидејќи тоа секогаш се базира на взаемна почит. Ова е мој принципиелен став, ова е битка не само за македонската суштина, туку и за сржта на европските вредности, од кои нема отстапување. Ова е бесмртниот „вирус“ на идеали против кој залудно се бара „вакцина“, пишува Димитров на Фејсбук.

Министерката за култура Ирена Стефоска, одговарајќи на новинарски прашања во однос на интервјуто на Заев, рече дека „бугарското општество мора, како и секое друго, самото да се справува со темните страни од своето минато“.

Заев во интервјуто го спомена и претседателот Стево Пендаровски. Премиерот одговарајќи на прашање рече дека Пендаровски „не е толку искусен политичар како Заев и дека сите понекогаш не бираме правилни зборови, но дека Пендаровски е за пријателство со Бугарија“.

Претседателот на државата како реакција на интервјуто вели дека во дел од коментарите по интервјуто се гледа дека има дилема - Дали државниот врв настапува единствено во однос на ова витално национално прашање?.

„Антифашистичката борба е во темелите на современата македонска држава, а во таа борба сме се бореле против оние кои беа на страната на фашистите. Моето 20-годишно искуство во меѓународната политика ми овозможува прецизно да ги мерам зборовите и ставовите кои ги искажувам кога разговарам со моите бугарски соговорници и со нашите пријатели од меѓународната заедница. И на секој од нив јасно му кажувам дека македонско-бугарскиот спор може да се реши само ако доследно се почитува достоинството и на македонскиот и на бугарскиот народ и со избегнување на опасната замка на историскиот ревизионизам кога тој наместо врз факти, е заснован врз политички конструкции“, изјави Пендаровски во интервју за Дојче Веле.

Реакции од коалиционите партнери

Реагираа и коалициони партнери на Заев. Поранешната пратеничка и коалиционен партнер на Зоран Заев, Лилјана Поповска од партијата ДОМ напиша – „Ужас до болка. Ако на ЕУ и треба вакво национално и ментално самоубиство, тогаш ЕУ каква што ја почитуваме и посакуваме, престанала да постои!? Неприфатливи се вакви изјави од македонски политичари за сериозни прашања! Во чие име се зборува? Никој нема мандат за ова!!“, напиша Поповска.

Демократскиот сојуз, партија коалиционен партер на Заев, ги повикува највисоките државни функционери кои преговараат со Република Бугарија да го почитуваат достоинството на македонскиот народ, македонскиот идентитет и јазик, вековната борба за национална слобода и да не прифаќаат решенија кои претставуваат ревизија на историските настани.

Од каде СДСМ влече корени?

СДСМ, партијата чиј лидер е Заев, во делот Историја на партијата, наведува од каде ги влечат своите корени, меѓудругото пишуваат:

„Социјалдемократската идеја е најдоминантна во Втората светска војна преку Комунистичката партија на Македонија. Резултат е првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година коешто претставува почеток на формирањето на државата. Остварен е вековниот стремеж за независност и слобода на граѓаните во Македонија, сега Република Северна Македонија. Овие вековни идеи и традиции се темелите на СДСМ“, пишува на интернет страницата на владејачката партија.

Администратори

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов пред неколку денови во интервју за Канал 5 телевизија зборувајќи за Бугарија и за нејзиното инсистирање да се користи терминот „администратори“ во Македонија за време на Втората светска војна, а не окупатори, рече дека администраторите се бираат на избори, како што сега тој е избран за администратор на Скопје, но ако дојдат администраторите со воени коли и тенкови, тоа се окупатори.

„Некои сега ќе прават теза дека биле администратори, јас се извинувам, но Царска Бугарија за време на Втората светска војна била соработник на нацистичка Германија и по основ на таа соработка дошле тука. И сега сакаме и тој дел од историјата да го премолчуваме, тоа за мене е непринципиелна позиција“, рече Шилегов.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG