Достапни линкови

Бугарија сака да наметне свој поглед кон минатото, тврди македонскиот тим од историската комисија


Билатерална мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, архивска фотографија.
Билатерална мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, архивска фотографија.

Ова можеби биле најтешките разговори досега вели македонскиот тим во Мешовитата комисија за историски и образовни прашања. Според нив бугарската страна сака да наметне нивен поглед за минатото и образовниот систем во друга држава. Бугарскиот тим вели дека македонските колеги одбиле да разговараат за одредена историска тема. Според бугарскиот копретседавач тешко ќе има договор за Гоце Делчев.

Нема волја кај бугарската страна да се дојде до решение во кое историското образование не би било основа за политичка инструментализација. Бугарскиот тим гледа можност да го наметне во друга држава својот поглед на минатото и образовниот систем, брифираат од македонската страна во Комисијата за историски и образовни прашања помеѓу С.Македонија и Бугарија, по завршување на дводневниот состанок.

Комисијата можеби ги имаше најтешките разговори до сега, велат од македонскиот тим за МИА. Од таму велат дека на дискусијата за подобрување на учебниците по историја, бугарската страна не ги прифатила предлозите на македонскиот тим.

„За жал, очигледно е отсуството на волја кај членовите на Комисијата од Република Бугарија да се дојде до решение преку кое историското образование не би било основа за политичка инструментализација често затскривана позади фразата „историска вистина“. Исто така, очигледно е дека бугарската страна го гледа овој процес како можност да го наметнат својот поглед за минатото во друга држава и образовен систем“, брифираат од македонската страна од Комисијата.

Македонската страната, како што велат, дала предлози засновани на современите разбирања за историското образование подржани од Советот на Европа и УНЕСКО во кој се уважуваат различните погледи и толкувања за минатото и кој се покажале како применливи во надминување на спорови кои произлегуваат од различното толкување на минатото. Од бугарска страна тие предлози беа одбиени како неприфатливи и применливи.

Бугарскиот копретседавач на заедничката Комисија, Ангел Димитров, изјави дека по овој состанок почнал да се сомнева дека станува збор за Мешовита комисија за историски и образовни прашања, јави БГНЕС. Досега, како што вели, бил убеден во тоа и покрај сериозните проблеми и темелните разлики, меѓу двете страни, ни по 14-оти состанок веќе не е убеден во тоа.

„Вчера, нашите колеги категорично одбија да разговараат за одредена историска тема. Нешто што не е само типично, туку е и неизбежно за професионалните историчари “, рече Димитров. Тој рече дека е тешко да се постигне договор за Гоце Делчев.

Димитров соопшти дека Комисијата нема да има нов состанок во текот на летото. А следен состанок е планиран за во октомври.

„Се надеваме дека летните месеци ќе дадат можност за преиспитување“, рече Димитров.

Бугарската страна иако на третата средба прифатила, сега одбила трипартитно чествување на Григор Прличев, брифира македонскиот тим. Бугарите одбиле Прличев да биде чествуван од страна на С. Македонија, Бугарија и Грција.
„Бугарските колеги спротивно на заедничките заклучоци предложија нов текст кој македонските членови на Комисијата го оценија како навредлив за чувствата на етничките Македонци и сите граѓани на С. Македонија. Членовите на Комисијата имаа можност да дискутираат и за Гоце Делчев....“, стои во објавениот брифинг.

Зборувале и за содржината на Вториот годишен извештај. На претходните технички средби бил усогласен Извештајот на Комисијата, но сега бугарската страна изразила резерва во однос на некои решенија со што се доведува во прашање самиот Извештај.

Од македонскиот тим наведуваат дека и покрај овие сериозни пречки во работата на Комисијата, тие остануваат посветени на решавање на историографските прашања.

Вчера и денеска Комисијата го одржа 14-от состанок, којшто е трет од предвидените пет за оваа година.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG