Во Вашингтон собир за поддршка на обвинетите за упадот во Капитол Хил

Полицајци во Вашингтон пред почетокот на собирот

Неколку стотици демонстранти излегоа на 18 септември во Вашингтон на собирот за поддршка на обвинетите за насилниот упад во американскиот Капитол Хил на шести јануари 2021 година. Собирот се одржуваше со бројно полициско обезбедување, а шефот на полицијата рече дека нема шанси властите да дозволат повторување на она што се случуваше на шести јануари кога насобраните влегоа во зградата. И покрај ангажираноста на целата локална полиција, полицискиот шеф Том Мангер побара асистенција и од националната гарда и нареди Капитол Хил да биде опколен со два и пол метри висока безбедносна ограда.

Освен неколку помали турканици собирот помина без поголеми инциденти. Надлежелните велат дека нивната главна грижа била да не дојде до насилство меѓу демонстрантите и контрадемонстрантите. Мет Брајнард, организатор на протестот, рече дека сакаат да изразат поддршка за 63 луѓе кои се во притвор за учество во упадот во Капитол Хил.

Во нападот на Капитол Хил на шести јануари, стотици приврзаници на поранешниот претседател Доналд Трамп упаднаа во Конгресот во обид да спречат потврда на победата на Џо Бајден. За време на упадот, шест лица беа убиени, меѓу кои и еден полицаец од Капитол, а подоцна повеќе од 480 лица беа уапсени под обвиненија поврзани со нападот.