Македонското знаме во НАТО во Пентагон

Пентагон- Министерката Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер пред македонското знаме во холот на НАТО

Во холот на НАТО во Пентагон се одржа церемонија на откривање на македонското знаме кое по членството во НАТО им се придружи на 29-те знамиња на останатите земји членки на Алијансата.
Знамето симболично го открија министерката Радмила Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер.

Од Министерството за одбрана, информираат дека посочувајќи дека членството на Северна Македонија во НАТО го зацврсти мирот и стабилноста на регионот, Купер и се заблагодарила на министерката Шекеринска за нејзиното лично залагање за членството во НАТО и за огромниот придонес во развивањето на македонско-американските односи.
На церемонијата присуствуваше и американската амбасадорка во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз која во пригодниот говор рече дека нашето членство во НАТО е од решавачка важност за стабилноста и напредокот на регионот.

Шекеринска, се вели во соопштението, истакнала дека успехот со членството во НАТО е резултат на силна политичка храброст, 30-годишна напорна работа, но и на постојана поддршка од пријатели како САД. На церемонијата присуствувал и Морин Кормак, помошничка државен секретар за азиски и евроазиски прашања во чиј домен е и нашиот регион, директорката на Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка Хајди Грант, и други претставници од Пентагон како и од Амбасадата на Северна Македонија во Вашингтон и од Американската амбасада во Скопје.

Државава во март 2020 година стана 30-та членка на НАТО. Аспирацијата да биде дел од воениот сојуз беше стопирана на самитот на алијансата во 2008 година во Букурешт, кога Грција стави вето поради нерешениот спор за името. На 17 јуни 2018 година Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој земјава стана Северна Македонија, а по завршувањето на процедурата влезе и во НАТО.