Британија порачала уште 35 милиони дози Фајзер за следната година

Вакцинација против ковид-19 во Британија.

Британската влада порачала дополнителни 35 милиони дози на антиковид вакцини од производителот Фајзер/БиоНТех, кои треба да и бидат испорачани во втората половина на 2022 година. Со дополнителните дози треба да се заштитиме од коронавирусот и од неговите соеви и наредната година, соопштува британската влада.

Последниот договор за набавка на 35 милиони дози се додава на претходни за набавка на 500 милиони дози од кои 100 милиони дози на Фајзер вакцини веќе се испорачани на Британија. Велика Британија е една од европските земји која е најтешко погодена од пандемијата, со повеќе од 131 илјада починати како последица на ковид.

Не се наведува цената за набавка на новите вакцини.

„Од витално значење е да сториме сè што е можно за да ја заштитиме земјата и во иднина, од вирусот каков што го знаеме и од неговите соеви“, рече министерот за здравство на Британија, Саџид Џавид преку соопштение.

Тој вели дека новиот договор за набавка на вакцини е во рамките на подготовките за идната програма за вакцинација, за да може земјата да биде безбедна и во годините што доаѓаат.

Во Британија речиси 88 отсто од населението над 16 години примило барем една доза на вакцина, а речиси 77 од популацијата се вакцинирани со две дози.