Пожарот во Кокино под контрола, пожар на граничниот премин Богородица

Пожар во Кокино, кај Старо Нагоричане.

Градоначалничката на Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска изјави денеска дека поголем дел од пожарот на Кокино е ставен под контрола, но има ново жариште во месноста Кокински дол. Покрај противпожарната единица од Старо Нагоричане и пожарникари од повеќе градови, на терен се и екипи од Армијата, од МВР, од ДЗСИ, шумско стопанство и доброволци.

„Таму гори веќе неколку часа, но е непристапно место и не може да се дејствува со возила. Се трудиме да се направи пресек со машини и со сечење на дрвна маса која на терен ја спроведуваат екипите на шумско стопанство, за да не се прошири пожарот кон десната страна над патот. Таму има уште еден дел борова шума, која ако се зафати не може така лесно да се реагира“, изјави Јовановска.

Во пожарот на Кокино нема повредени, има зафатено неколку куќи во кои немало жители. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски изјави дека девет пожари биле регистрирани за 24 часа на подрачјето на градот. Како што инфромираше тој регистрирани биле пожари во Тромеѓа, Четирце, Пуковско, Пезово, Бељаковце, во фабрика за преработка на дрво во Доброшане и во Зубовце во викенд куќа.

„Во Мургаш всушност беше и најсериозниот пожар во изминатите 24 часа, во кој беа опожарени поголем број на куќи, покуќнини, домаќинства. За среќа нема човечки жртви и немаме сериозни здравствени повреди, освен во еден случај каде што дополнително од страна на надлежни медицински лица ќе се утврдат последиците“, изјави Димитриевски.

Пожарникарите од Куманово, според него, 36 часа се ангажирани и работат покрај на подрачјето на Куманово и на териториите на соседните општини Старо Нагоричане и Липково. Како што информираше Димитиревски еден од заклучоците од денешниот Кризен штаб за заштита и спасување, е да се стават на располагање дополнителните сили на противпожарната единица од Куманово на соседната општина Старо Нагоричане за справување со состојбата во Кокино, како и силите на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ коешто врши континуиран дотур на вода со свои цистерни.

Пожарот, што попладнево избувна на потегот меѓу месноста Милци и Граничниот премин Богородица, не ја загрозува сообраќајната фреквенција на граничниот премин која се одвива нормално и без прекин, соопштија од граничната дежурна служба.

Од екипите на терен соопштуваат дека пожарот поради ветрот се движи кон границата со Грција поради што биле информирани и грчките пожарникари од противпожарната единица во Поликастро.
Доколку не се случи промена на правецот на ветрот, според соопштението, нема да бидат загрозени граничната караула на АРМ, казиното „Фламинго“ ГП Богородица и бензинските пумпи на „Макпетрол“ и „Шимов“ во близина на мекедонско-грчката граница.