Експремиерот Груевски отворил сопствен бизнис во Унгарија

Никола Груевски

Поранешниот премиер Никола Груевски, отворил сопствен бизнис со керамика во Унгарија, пишува денеска унгарскиот портал 24.ху. Според наводите на медиумот, неговата компанија ИЦИЦ Кфт, е регистрирана во Пецел, предградие на Будимпешта на 15. јули и тој е директор и основач на компанијата.

„Нејзина главна активност е бизнис менаџмент и бизнис консалтинг, но фирмата се занимава и со продажба на големо на порцелан, стаклени производи и производи за чистење. Иако се знае дека Груевски живее во Унгарија, тој ја дал скопската адреса како седиште, а адвокатот Каталин Хорнјик е регистриран како овластен правен застапник“, пишува порталот.

Според Дојче Веле пак кои имале увид во документите од Централниот регистар на Унгарија пак може да се прочита дека Друштвото со ограничена одговорност на Груевски планира широки бизнис активности во најмалку 10 различни сектори.

„Па така, фирмата на експремиерот ќе може да врши трговија на големо со порцелан и стакларија, како и со средства за чистење; трговија на големо со храна, пијалоци и тутун; како и со други разновидни стоки. Експремиерот планира да биде активен и во сферата на управување со имоти (холдинг), во бизнис менаџмент, а ќе има можност да си ја проба среќата и во комуникациите со јавност, рекламирањето, во истражувања на пазари и испитување на јавно мислење, како и во организација на конференции и трговски изложби. Регистрацијата на фирмата со сите овие трговски можности го чинела Груевски точно три милиони унгарски форинти или 8.350 евра“, пишува Дојче Веле.

Обвинение за Плацеви на Водно, определен притвор и за Груевски

Груевски избега од Македонија на 11 ноември 2018 година, кога требаше да му биде врачен упатен акт за одлежување на затворската казна од две години во случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот „мерцедес“ со пари на МВР.