Царовска апелира вработените во училиштата да се вакцинираат

Апелирам наставниците и сите придружни и помошни кадри да се пријават за вакцина за да се зголеми процентот на имунизирани што работат во училиштата, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска откако министерот за здравство Венко Филипче вчера најави дека ќе почне интензивна комуникација со министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика и директорите на институциите за повторно да разговараат со своите вработени и да ги упатат на вакцинација против Ковид-19.

На новинарско прашање дали за невакцинирани наставници од МОН ќе се воведат стимулации, Царовска одговори дека МОН не го води процесот на вакцинација, туку Министерството за здравство со кое, рече, е во постојана координација и дека ако се воведат стимулации за другите, тоа секако ќе важи и за наставниците.

„Задоволни сме од процентот на вакцинација, но значајно е тој и натаму да продолжи и затоа во континуитет се повикуваат и информираат. Мислам дека процентот и натаму ќе се зголемува“, додаде Царовска на прес-конференција.

Таа потсети за одлуката за три сценарија за почеток на учебната 2021/2022 година и дека тие ќе се менуваат согласно епидемиолошката состојба во земјава. Првото е сите ученици од 1 септември да се вратат во училиштата на настава со физичко присуство.

„Но, не може да се потпрете само на едно, затоа што не се извесни бројките кои може да се менуваат. Најпосакувано сценарио е на 1 септември сите да бидат во училиштата, но треба да сме одговорни и посветени и да ги почитуваме препораките и мерките, да се зголемува процентот на вакцинирани за да можеме да одржиме поголем број денови поминати во училиште, за да не ни се случи менување на сценариото. МОН на 1 септември ќе биде подготвено за сите три сценарија“, рече Царовска.

Министерот Филипче вчера изјави дека вакцинацијата не е задолжителна, но дека се размислува за воведување ограничувања од септември или октомври доколку се соочиме со нов бран на заразата.