Американците ова лето чекаат пасоши од три до четири и пол месеци

американски пасош

Американците кои планираат да патуваат во странство ова лето, можеби ќе треба да го одложат тоа доколку им треба нов пасош или продолжување на постојниот. Стејт департментот објави дека чекањето за пасош е од 12 до 18 недели, дури и ако се плати забрзана постапка. Таквото долго чекање е несакан ефект на пандемијата на коронавирусот, што предизвика екстремни нарушувања во процесот на издавање документи во домашните центри и амбасадите и конзулатите на САД ширум светот. Заменик помошникот државен секретар за пасошки услуги Рејчел Арнт изјави дека за обработка чекаат од еден и пол милиони и до два милиони апликации за пасош, што значи дека апликациите што сега се поднесуваат веројатно нема да бидат обработени пред есента. Таа им порача на Американците да достават барања за нов пасош или продолжување на постојниот најмалку шест месеци пред планираното патување.

Издавање лични документи и свидетелства - проблем или дезинформација?


Стејт департментот и Министерството за домашна безбедност веќе презедоа чекори за да им се олесни на Американците во странство на кои им истече пасошот да се вратат дома. Двете служби објавија во мај дека американските државјани кои се во странство и чиј пасош истече на 1 јануари 2020 година или по него, ќе можат да влезат во САД со тој истечен пасош до 31 декември 2021 година. Оваа одредба не се однесува на патувања во трети земји, освен за транзит во Соединетите држави.