МНР со признанија за 30 личности, меѓу нив и Нимиц, Коѕијас и Прибе

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Министерството за надворешни работи соопшти дека по повод триесет години од независноста шефот на дипломатијата Бујар Османи одлучил да врачи признанија на 30 странски државјани, високи функционери од ЕУ и НАТО, државници, дипломати и познавачи на државата и регионот кои оставиле посебен белег во консолидацијата на самостојноста, поддршката и помошта во заокружување на евроатлантската перспектива, како и зацврстувањето на мултиетничката, мултикултурна и мултиконфесионална кохезија на нашата држава и општество.

На списокот што го објави МНР се претседателот на Арбитражната комисија на Мировната конференција за Југославија Роберт Бадентер, поранешните американски амбасадори Лоренс Батлер и Кристофер Хил, поранешниот претседател на Бугарија Жељу Желев, поранешните министри за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас, на Шведска Ана Линд, на Турција Хикмет Четин и на Германија Клаус Кинкел. Меѓу личностите кои добиваат признанија се и специјалните претставници на меѓународната заедница за време на конфликтот во 2001 година Ален Ле Руа, Џејмс Пердју и Питер Фејт, потоа поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон, британски генерал и командант на НАТО во нашата земја во 2001 година Сер Барни Вајт Спунер.

Министерството им оддава признанија и на поранешниот специјален координатор на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа Ерхард Бусек, високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ од 1993 до 2001 година Макс Ван Дер Штул, специјалниот известувач на Комисијата за човекови права на ООН Тадеуш Мазовјецки, Штефан Лене, поранешен директор на директоратот за Балкан, Источна Европа и Централна Азија во Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ.

Од поранешните американските политичари МНР признанија им оддава и постхумно на сенаторот Џон Меккејн и на помошник Државен секретар на САД за европски и канадски прашања Ричард Холбрук, како и на поранешната државна секретарка Кондолиза Рајс. Од поранешните челници на ЕУ,пак, признанија им се одаваат на Лорд Патен, кој беше европскиот комесар за надворешни работи, на поранешниот премиер на Италија и претседател на Европската комисија Романо Проди, на Оли Рен, кој беше еврокомесар за проширување, на Хавиер Солана, поранешен висок претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика и на поранешниот амбасадор на унијата во Скопје Ерван Фуере.

Министерството им оддава признанија и на двајца други поранешни амбасадори во земјава, на Франција Жан Франсоа Терал и на Германија Ханс Лотар Штепан. На списокот е и поранешниот претставник на ОН во спорот за името со Грција Метју Нимиц, потоа Реинхард Прибе, кој покрај фукнциите во ЕУ беше вклучен и во наоѓањето решенија во политичката криза во 2016 година по Договорот од Пржино. Признание од македонското МНР добија и универзитетскиот професор Даниел Сервер и поранешниот британски дипломат Дејвид Слин.