Израел не запира со нападите, ОН ќе дискутира за конфликтот

Урнати згради во Појасот Газа од израелските напади. Илустрација.

Израел денеска започна нов бран воздушни напади врз Појасот Газа, при што се убиени најмалку еден Палестинец, а неколкумина се ранети. Израел продолжува со воената кампања и покрај американските повици за прекин на бомбардирањата.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху се соочува со засилен притисок од Вашингтон, но се чини дека е решен да му нанесе максимална штета на Хамас, кој испука илјадници ракети кон Израел. Во меѓувреме, дипломатските напори да се обезбеди примирје се засилуваат, а претставници блиски до преговорите велат дека се очекува да биде прогласен прекин на огнот во наредните 24 часа. Генералното собранието на ОН денеска треба да одржи отворен состанок на израелско-палестинскиот конфликт.

Експлозии денеска го потресоа градот Газа, како и градот Деир ал-Балах во централниот дел на Појасот Газа, како и градот Хан Јунис на југ. Жестоки бомбардирања имаше и врз комерцијална сообраќајница кај градот Газа.
До нападите дојде откако висок претставник на Хамас рече дека очекува прекин на огнот во конфликтот меѓу Израел и Хамас во наредните денови. Хамас е на власт во Појасот Газа.

Претставникот на Хамас Муса Абу Марзук за либанската телевизија ал-Мајадин изјави дека смета оти тековните напори за прекин на огнот ќе вродат со плод.

„Очекувам прекинот на огнот да биде постигнат за еден или два, а примирјето ќе биде брз основа на заеднички договор“, рече тој.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера му рекол на Нетанјаху дека очекува значителна деескалација, но израелскиот премиер одговорил дека е „одлучен да продолжи“ со воената офанзива додека „не се врати морот и безбедноста за израелските граѓани“.

Од почетокот на борбите на 10 мај, палестинските здравствени власти соопштија дека загинале 228 луѓе. Израел, пак, соопшти дека од нивна страна има 12 загинати. Ова се најжестоките судири меѓу Хамас и Израел во последните години, а поттикнаа и улични насилства меѓу Арапите и Евреите.