Заев на средба со Тимерманс за поддршка за почеток на преговорите со ЕУ

Macedonia-Meeting of the prime minister Zoran Zaev and vice president of European commission, Frans Timermans in Brussels

Премиерот Зоран Заев на денешната средба со извршниот потпретседател на Европската Комисија, Франс Тимерманс изразил благодарност за неговата поддршка за почеток на пристапните разговори со Северна Македонија и додал дека нашата земја, како и Западен Балкан, се дел од иднината на Европската Унија и дека тоа прашање не трпи одлагање.

Тимерманс, како што соопшти владината прес-служба, нагласил дека останува цврсто на неговата лична и институционална заложба за почеток на завршниот дел од процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ. Соговорниците на состанокот, според соопштението, се согласиле дека во овој процес не треба да има одвојување од Албанија, и дека и Северна Македонија ги исполнила сите услови да ги почне преговорите што беше потврдено и во извештаите на ЕК за безусловен старт на преговорите.

Тимерманс како посебен успех на Северна Македонија, како што се наведува, го издвоил лидерството во вложувањата во обновливи извори на енергија што претставува сериозен влог на државата во проектите кои од ЕУ ќе добијат финансиска помош преку Економско инвестицискиот план и ИПА програмата вредна девет милијарди евра грантова помош и дополнителни 20 милијарди поволни кредити за инфраструктурни и други проекти во регионот.

Заев во Брисел е придружуван од заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи и шефицата на Постојаната мисија на Северна Македонија во ЕУ Агнеза Руси-Поповска.