Рација во домот на Руди Џулијани во Њујорк

Руди Џулијани

Федералните истражители денеска извршија претрес во домот на Руди Џулијани, личен адвокат на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, соопшти адвокатот на Џулијани, Боб Костело, кој рече дека бил извршен налогот за претрес.

Џулијани досега не се огласи во јавноста. Тој претходно оцени дека истрагата е „чист политички прогон“.

Њујорк тајмс објави дека се запленети електронски уреди.

Џулијани, кој е и поранешен градоначалник на Њујорк, неколку години е под истрага за неговите бизнис зделки во Украина. Засега не се соопштени детали од претресот.

Неговите поранешни соработници Лев Парнас и Игор Фруман се обвинети за прекршувањето на финансирањето на кампања и други дела. Тие се обвинети дека му помагале на Џулијани да пронајде штетни информации во пресрет на ланските претседателски избори за Џо Бајден и неговиот син Хантер и за обид за смена на американската амбасадорка во Украина Мери Јованович.

Таа ненадејно беше повлечена од Киев во мај 2019 година по жестоката кампања за нејзино разрешување координирана од Џулијани.

Хантер Бајден е под истрага за даночни работи.