Достапни линкови

Трамп негира дека ќе основа нова партија


Доналд Трамп на Конференцијата за конзервативна политичка акција во Орландо, Флорида. 28.02.2021.
Доналд Трамп на Конференцијата за конзервативна политичка акција во Орландо, Флорида. 28.02.2021.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се врати на политичката сцена за првпат откако ја напушти функцијата, обидувајќи се да го зацврсти својот статус како неопходен лидер на Републиканската партија.

Во својот прв голем говор откако претседателот Џо Бајден стапи на должноста во јануари, Трамп навести можна повторна кандидатура за претседател во 2024 година. Тој ги окарактеризира наводите дека организира формирање на третата голема американска партија како „лажна вест“.

Трамп навести дека ќе се кандидира за претседателските избори во 2024 година

„Ќе продолжам да се борам со вас. Не основаме нови партии. Ја имаме Републиканската партија. Ќе биде посилна и пообединета од кога и да било досега", рече Трамп на Конференцијата за конзервативна политичка акција во Орландо, Флорида.

На Конференцијата Трамп се обиде да го зајакне својот статус на неприкосновен лидер на републиканците, и покрај поразот на изборите, јасно покажувајќи дека има намера да остане доминантен политички фактор.

„Дали веќе ви недостигам? Еве денес сум пред вас да објавам дека неверојатното патување што го започнавме заедно е далеку од завршено", рече Трамп по излегувањето на сцената.

Во своето прво јавно појавување по напуштањето на Белата куќа на 20 јануари, Трамп остро го критикуваше новиот претседател на Соединетите држави, демократот Џо Бајден.

„Бајден го имаше најкатастрофалниот прв месец во Белата куќа, сметајќи ги сите претседатели во модерната историја“, рече Трамп, велејќи дека земјата „отиде од Америка прва во Америка последна“.

Тужба за Трамп и Џулијани за немирите во Капитол

Потегот на Трамп е крајно невообичаен, бидејќи поранешните американски претседатели, по правило, никогаш јавно не го критикуваат наследникот веднаш по влегувањето во Белата куќа.

За разлика од другите поранешни претседатели, Трамп јасно стави до знаење дека нема намера да го напушти центарот на вниманието или да се откаже од критиките кон неговиот наследник.

портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.
портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

Белата куќа соопшти дека нема да обрнува многу внимание на говорот на Трамп. „Нашиот фокус сигурно не е на она што го зборува претседателот Трамп“, им рече на новинарите портпаролката на Белата куќа Џен Псаки во минатата недела.

Трамп беше отповикан од Претставничкиот дом на Конгресот за поттикнување насилни немири во американскиот Капитол на 6 јануари, но беше ослободен на судењето во Сенатот.

Иако синоќа инсистираше партијата да биде обединета, тој индивидуално ги критикуваше сите републиканци во Конгресот кои гласаа за негово отповикување.

Трамп продолжува да биде популарен меѓу републиканците, но неговата идна улога во партијата стана спорна. Лидерот на малцинството во Сенатот, Мич Меконел и републиканецот бр.3 во Претставничкиот дом, Лиз Чејни, се желни да се ослободат од поранешниот претседател.

Но, Трамп го искористи говорот за да се наметне себе си како иднината на Републиканската партија, дури и откако Републиканците на последните избори ја изгубија не само Белата куќа, туку и двата дома на Конгресот.

Неформална анкета на конференцијата со нешто повеќе од 1.000 присутни покажа дека 97 проценти ја одобруваат работата на Трамп како претседател.

Друга анкета покажа дека 68 проценти го поддржуваат Трамп повторно да се кандидира во 2024 година, додека 32 проценти се спротивставија или немаа мислење.

Бајден: Трамп не треба да добива разузнавачки брифинзи

И, доколку избори се одржат денес, а Трамп е во трка, 55 проценти се изјаснија дека ќе гласаат за него, по што следи гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, со 21 процент.

Иако сè уште е рано, флертувањето на Трамп со уште една трка може да ги ограничи потенцијалните кандидати на избори во 2024 година кои би биле против него.

Во неговиот клуб Мар-а-Лаго во Флорида, Трамп ја гради основата за неговата пост-претседателска политичка операција и наоѓа про-Трамп кандидати во Конгресот кои ги прифаќаат неговите политики.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG