Владата ќе решава за пократок полициски час и посебни правила за празниците

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Македонската влада на денешната седница треба да донесе конечна одлука за тоа дали да ги продолжи постојните мерки за ограничување на движењето и другите рестрикции и мерки за примена на личната заштита за спречување на ширењето на ковид-19 кои истекуваат денеска. Вчера Кризниот штаб предложи полицискиот час од утре да почнува од 21 часот и да трае до 5 часот изутрината, да се отворат летните тераси на сите угостителки објекти, а за време на претстојниот празник Велигден, сабота кон недела (1 кон 2 мај) и 12 кон 13 мај кога се слави Рамазан Бајрам да нема полициски час. Олабавувањето на мерките, според министерот за здравство Венко Филипче, се должи на подобрената епидемиолошка состојба, а тоа е резултат на, како што вели, навремено донесените мерки и димензионирањето на целокупниот систем на координација на приеми во болниците. Филипче посочи дека се намалува притисокот кон болниците во внатрешноста со префрлање пациенти во скопските јавно здравствени институции и системот на координација меѓу клиниките.

Филипче: Бројот на новозаболени од Ковид-19 се намалува

Владата и поглаварите на МПЦ-ОА и на ИВЗ, во пресрет на одбележувањето на верските празници, заеднички укажуваат дека од голема важност е дисциплината и индивидуалната одговорност на верниците и на граѓаните, во делот на почитувањето на важечките протоколи, како што се носењето маска на отворен и затворен простор, држење дистанца, негрупирање, присуството во внатрешноста на верските објекти да не е поголемо од 30-процентна исполнетост на капацитетот.