Достапни линкови

Вести

Филипче: Бројот на новозаболени од Ковид-19 се намалува

илустрација

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека бројот на новозаболени од Ковид-19 се намалува, а епидемиолошката крива е во опаѓање. Денеска има и помалку од 100 новодијагностицирани случаи. Тој додаде дека истиот тренд е и во болниците насекаде низ државата, каде беа многу полни капацитетите, а сега има тренд и тој број испишани пациенти е поголем од примените.

„Ако имавме најголема бројка од близу 200 приеми на почетокот на април во текот на вчерашното денонокие бројот е 69. Споредено со најголемата вкупна бројка на хоспитализирани – 1789, сега тој број е околу 1400. Значи се намалува и бројот на хоспитализирани пациенти“, вели Филипче.

Комисијата предлага олабавување на мерките, Велигден и Рамазан без полициски час

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците во земјата е 1.422 и има околу 520 празни болнички кревети во ковид-центрите.

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 28 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 598 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие на интерните и на хируршките клиники имало 13 приеми. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 42 оздравени пациенти.

види ги сите денешни вести

ДИК: Гласањето за локалните избори тече без проблем

Александар Даштевски, претседател на ДИК

Во тек е гласањето на Локалните избори 2021 за болните, немоќните и лицата со Ковид-19 и во самоизолација, чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии, затворениците, лицата во притвор, во старските домови и внатрешно раселените лица, кое, како што информираше претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски на денешната прес-конференција, тече без проблем.

„Со право на глас на овие избори во избирачкиот список се запишани 1 824 863 лица. Денеска, пред денот на изборите, своето право на глас можат да го остварат вкупно 10 653 гласачи. На гласачките места во 13-те поправно казнени установи, можат да го остварат 1 899 гласачи. Сите гласачки места во казнено-поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот. До овој момент гласањето тече без проблем“, наведе претседателот на ДИК.

Тој додаде дека во текот на денот, своето гласачко право во единствениот Центар за внатрешно раселени лица ќе може да го остварат и шест гласачи кои се водат како внатрешно раселени лица.

Првиот човек на ДИК информираше дека во своите домови ќе гласаат 476 лица, кои се во домашен карантин или им е определена мерка самоизолација поради Ковид-19. Ова гласање, додаде тој, ќе го спроведат посебни избирачки одбори составени од медицински персонал и лица номинирани од политичките партии.

На новинарско прашање околу информацијата на ЦИВИЛ дека недостигаат околу 40 лица на Избирачкиот список во казнено-поправните установи и дека избирачкото место во КПУ Идризово било отворено со задоцнување, претседателот на ДИК одговори дека Комисијата е најкомпетентно тело и оти немаат добиено таква информација.

„Јас ви ги кажувам официјалните податоци што ги имаме ние како ДИК, сметам дека ДИК е најкомпетентното тело, ако имаше таква информација ќе ви кажев, сметам дека не е точна таа информација“, одговори Даштевски.

Претходно невладината ЦИВИЛ којашто исто така го следи гласањето сос вои набљудувачи излезе со извештај дека во одреден затвори недостасуваат гласачи од изборачкиот список и дека во еден од затворите гласањето не почнало навреме.

САД нудат паричен надомест за жртвите на нападот со дрон во Кабул

Последиците од нападот во Кабул, август 2021

Владата на Соединетите Држави понуди паричен надоместок за роднините на десет лица кои беа убиени од американската војска во напад со беспилотно летало врз главниот град на Авганистан, Кабул, на 29 август.

Во нападот загинаа хуманитарен работник и девет членови на неговото семејство, меѓу кои и седум деца. Пентагон соопшти дека работи и за да им помогне на преживеаните членови на семејството да се преселат во Соединетите Држави.

Нападот се случи неколку дена пред повлекувањето на американската војска од Авганистан, за време на евакуацијата по ненадејното враќање на Талибанците на власт и на само неколку дена по разорниот напад на Исламска држава- Корасан (ИС-К), локален огранок на групата Исламска држава (ИД) во близина на аеродромот во Кабул.

„Американското разузнавање го следеше автомобилот на едно лице на 29 август, верувајќи дека е поврзано со милитантите на ИД-К“, изјави минатиот месец началникот на американската Централна команда, Кенет Мекензи.

Истрагата откри дека автомобилот на лицето е виден во комплексот поврзан со ИС-К, а нејзиното движење било координирано со други разузнавачки податоци за плановите на терористичката група да го нападне аеродромот во Кабул.

Во еден момент, беспилотно летало за надзор забележало лице како вметнува експлозив во багажникот на автомобил, но подоцна се покажа дека тоа биле резервоари за вода.

Генералот Мекензи го опиша нападот како „страшна грешка“ и додаде дека Талибанците не биле вклучени во разузнавачките информации што довеле до нападот.

ЦИВИЛ:Проблеми со гласањето во затворите

Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ

Мониторингот на ЦИВИЛ утврдил дека денешното гласање на лицата во притвор и на издржување казна затвор не започнало навремено во КПУ Идризово, односно таму гласањето започнало дури во 8:20 часот.

Од ЦИВИЛ очекуваат управата и Избирачкиот одбор во КПУ Идризово да го почитуваат принципот според кој треба да се продолжи гласањето во избирачките места за толку време колку што траел прекинот, односно доцнењето.

Во мониторингот на ЦИВИЛ се бележат и неколку други недостатоци. Во КПУ Куманово, од 56 лица, само 38 се на Избирачкиот список. Во КПУ Битола, 20 лица недостасуваат во Избирачкиот список.

„На почетокот на гласањето во КПУ Прилеп и Битола, на гласачите не им било дозволено гласањето со т.н. „домска карта“, за разлика од сите други КПУ каде што тоа било дозволено. Некаде околу 9 часот, овој проблем е надминат и сега гласачите во КПУ Прилеп и Битола можат да го остварат своето право на глас со „домска карта“, како и во сите останати КПУ, соопштија од ЦИВИЛ.

Од оваа невладина организација ги повикуваат граѓаните да пријавуваат кршење на изборниот молк и други нерегуларности во текот на гласањето денеска и утре.

Приведени четири лица за давање поткуп за гласови во Скопско

Илустрација

Полициски службеници синоќа привеле четири лица, кои околу 19 часот кои биле забележани како дават пари во замена за глас на претстојните локални избори на местото викано Аџево на подрачјето на Полициската станица „Драчево“.

Како што соопшти МВР, осомничените Е.Б. (26), С.М. (27) Н.Б. (50) и Ј.М. (35) се приведени под обвинение за вршење на кривичното дело „поткуп при избори и гласање“ од член 162 од Казнениот законик.

При приведувањето кај четворицата осомничени се пронајдени 121000 денари и 250 евра.

„За случајот е известен јавен обвинител и по добиени судски наредби извршени се и претреси во домовите на лицата, а тие се задржани во полициска станица за понатамошна постапка“, се додава во соопштението на МВР.

В недела ќе се одржи првиот круг од локалните избори во земјава, вториот круг е за две недели.

Тројца мртви во земјотрес на Бали

Три лица го загубија животот, а седум се повредени во земјотрес со интензитет од 4,8 степени што го погоди индонезискиот остров Бали, пренесува АФП.

Две лица загинаа при свлечиште предизвикано од земјотрес во областа Бангли, а едно лице загина во пристанишниот град Карангасем, соопштија официјалните лица.

Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 10 километри, североисточно од градот Банџар.

Портпаролот на Агенцијата за вонредни ситуации Абдул Мухари изјави дека земјотресот бил силно почувствуван пет секунди и дека луѓето панично излетале на улиците.

Епицентарот беше далеку од главниот туристички центар на Бали, кој полека се отвора за меѓународните посетители по блокадата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Индонезија честопати се соочува со земјотреси поради нејзината позиција на таканаречениот Огнен прстен, каде се судираат тектонски плочи што се протегаат од Јапонија, низ Југоисточна Азија и Пацифичкиот басен. Повеќе од 100 луѓе загинаа во јануари, а илјадници останаа без покрив над главата во земјотресот со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала што го погоди островот Сулавеси.

Земјотрес и цунами со јачина од 7,5 степени по Рихтер, што следеа пред три години на островот Палу, усмртија или исчезнаа повеќе од 4.300 луѓе, потсетува АФП.

ЈО ќе следи евентуални изборни нерегуларности

ОЈО, Скопје

Јавното обвинителство информира дека во континуитет ги следи случувањата поврзани со изборниот процес преку формираната привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава 16 од Кривичниот законик – „кривични дела против изборите и гласањето“, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори.

„Јавните обвинители посветено постапуваат во борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето, давајќи придонес кон нивно сузбивање и превенирање“, се наведува во денешното соопштение на ЈО.

Обвинителството информира и дека во текот на утрешниот изборен ден ќе бидат воспоставени дополнителни дежурства во јавните обвинителства.

„Во процес на меѓусебно координирано известување, Комисијата ќе го следи процесот на гласање. Итно и со приоритет обвинителствата ќе продолжат да постапуваат по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите. Добиените известувања веднаш ќе се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства, во насока на проверка на наводите и донесување на одлуки за натамошно постапување“, се додава во соопштението.

Јавното обвинителство воедно потсетува дека во функција е отворената електронска адреса izbori@jorm.mk, каде секој кој смета дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес може да достави поднесок или пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности.

Терористички мотиви за нападот на британскиот пратеник

Дејвид Амес, пратеник на владејачката Конзервативна партија во британскиот Парламент

Убиството на пратеникот на владејачката Конзервативна партија во британскиот Парламент, Дејвид Амес, полицијата го третира како терористички напад поврзан со исламистички екстремизам, пренесува Би -Би -Си. Емес беше избоден неколку пати на 15 октомври во неговата изборна единица во Леј-он-Си, во Есекс.

Дваесет и петгодишниот годишниот Британец е уапсен на лице место под сомнение дека го извршил убиството, а полицијата соопшти дека не бара никој друг.

Британската полиција објави напаѓачот има потенцијална врска со исламистичкиот екстремизам. Владини извори за Би -Би -Си изјавија дека тој е британски државјанин со сомалиско потекло.

Во рамките на истрагата, полицијата спроведува претрес на две адреси во Лондон. Полицијата верува дека напаѓачот дејствувал сам, но истрагата за околностите под кои се случил инцидентот продолжува.

Како што јавуваат медиумите, лекарите се бореле на лице место за да го спасат животот на пратеникот.

„За жал, тој почина на лице место“,изјави пред новинарите началникот на полицијата во Есекс, Бен-Џулијан Харингтон.

Би -Би -Си пишува дека напаѓачот налетал во црквата во последниот час од средбата на Амес со гласачите и му нанел неколку убоди со нож. Снимките од воздух покажаа неколку амбулантни возила во близина на црквата.

Џон Ламб, локален советник, рече дека Амес не бил одведен во болница повеќе од два часа по нападот и дека ситуацијата е „исклучително сериозна“.

Политичарите го опишаа убиството на пратеникот како напад врз демократијата.

Меркел во работна посета на Турција

Ангела Меркел и Реџеп Таип Ердоган

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ќе престојува во работна посета на Турција на покана на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пренесува агенцијата Анадолија.

Според соопштението од Одделот за комуникации при турското Претседателство, за време на состаноците во Истанбул ќе се разговара за билатералните односи меѓу Турција и Германија на сите нивоа и за чекорите што може да се преземат за подобрување на соработката.

Покрај билатералните односи, на агендата на разговорите ќе бидат и односите Турција – ЕУ, регионални и меѓународни прашања, особено Либија, Сирија и Авганистан.

Четворица руски туристи пронајдени мртви во Албанија

илустрација, сауна

Четворица руски туристи се пронајдени мртви во хотел во зоната Ќерет, во познатото албанско приморско гратче Каваја. Нивните тела биле пронајдени во хотелската сауна. Основано се сомнева дека причина за смртта е задушување.

Нивното отсуство ги загрижило другите туристи од групата со која биле заедно пристигнати, по што го известиле персоналот на хотелот.

„Околу 22:20 часот во Ќерет, Каваја, во просториите на хотелска сауна, пронајдени се мртви четири лица, две жени и двајца мажи, државјани на Русија. Телата се дадени на обдукција. Истрагата е во тек. За настанот е известена и руската Амбасада“, стои во полициското соопштение.

Според телевизијата Топ чанел починатите лица се Наталија Буренкова (58), Сергеј Буренков (60), Екатерина Буренкова (31) и Никита Белоусов(37).

Почнува гласањето за болните, немоќните, лицата со ковид, затворениците

илусрација

Гласањето на Локалните избори 2021 започнува денеска со изјаснувањето на болните, немоќните и лицата со Ковид-19 и во самоизолација чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии, затворениците, лицата во притвор, во старските домови и внатрешно раселените лица.

На изборите првпат ќе се применуваат уреди за биометриска идентификација на гласачите со отпечатоци од прсти. Сепак, ДИК одлучи лицата што ќе гласаат денеска да не бидат проверувани со овие уреди, туку гласањето да се спроведе УВ ламба, со која се проверува дали лицето претходно гласало, и со прскање со спреј, за да се обележи дека веќе е искористено правото на глас.

Според информациите од ДИК, денеска ќе гласаат 7.921 болни и немоќни лица чии пријави се прифатени од ОИК, како и 476 лица со Ковид-19 и во самоизолација. Гласањето на болните и немоќните ќе го спроведуваат избирачките одбори, додека за гласањето на лицата со Ковид-19 и во изолација се формирани посебни избирачки одбори составени од медицински лица.

Доколку некое од овие лица чии барања за гласање се потврдени не биде најдено во својот дом од страна на избирачкиот одбор, правото на глас нема да може да го оствари на денот на гласањето.

Во поседниот извод на Избирачкиот список се запишани 1 899 гласачи кои на денот на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор, 351 лице во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, во согласност со евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица.

Резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата со Ковид-19 и во самоизолација, ќе бидат објавени заедно со резултатите од неделното изјаснување на Локалните избори.

Седмите локални избори во земјата ќе се одржат утре. Ќе се гласа за 10.831 кандидат од кои 299 кандидати за градоначалници, а останатите за советници. Најголем дел 91 листа се од група избирачи односно независни, а 31 се политички партии и коалиции.

Времето облачно со дожд и ветер

илустрација, Скопје 2021

Времето денеска ќе биде претежно облачно, со повремен локален дожд во претпладневните часови. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Максималните температури ќе бидат во интервал од 7 до 15 степени.

Во Скопје и околината ќе биде претежно облачно, со повремен дожд претпладне и со умерен и повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе досигне до 10 степени.

Од утре и во наредните денови следува период на стабилно и суво време со пораст на дневните температури.

Приведен осомничен за поткуп на гласови

Приведен е 50-годишен човек од село Милино, Општина Лозово, по претходно добиени оперативни сознанија дека врши поткуп во врска со претстојните локални избори, при што давал и нудел пари, а лицата кои добивале пари се потпишувале на документ дека примиле пари, соопштија од МВР.

Човекот е приведен оти вршел „поткуп при избори и гласање“ и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

В недела ќе се одржи првиот круг од локалните избори во земјава, вториот круг е за две недели.

Македонија на 64-то место според Индексот за владеење на правото

Македонија се најде на 64 место меѓу 139 држави на листата според Индексот за владеење на правото на Светскиот проект за правда за 2021 година, задржувајќи ја истата оценка од 0,54 индексни поени како и при ланската класификација.

Меѓу земјите од регионот од нас подобро рангирани се Словенија на 29-то место со индекс 0,68, Хрватска на 46-то со индекс 0,61, исто колку што има и Грција на 48-то, Косово на 60-то со 0,55, а Бугарија е 62 со индекс исто како и Македонија – 0,54.

Босна и Херцеговина е 72 со индекс 0,52, а потоа со индекс 0,49 Србија и Албанија се рангирани на 81, односно 83-то место, додека најслабо рангирана меѓу земјите од регионот е Турција на 117 место со индекс 0,42.

На врвот на листата се Данска и Норвешка со индекс од 0,9, пред Финска, Шведска, Германија и Холандија, додека најлошо рангирани се Венецуела, Камбоџа и Конго.

Индексот за владеење на правото се одредува врз основа на осум критериуми: ограничување на овластувањата на Владата, отсуство на корупција, отвореност на Влада и почитување на основните права, редот и безбедност, на законот и на граѓанско-правниот и кривично-правниот систем.

Во извештајот се посочува на дека на глобално ниво, се бележи негативен тренд во владеењето на правото, на што дополнително влијаеше и пандемијата со Ковид-19. Извештајот покажува дека состојбата со владеењето на правото е влошена во 95 земји, кои сочинуваат 84,7 проценти од светското население, а е подобрена во 33 држави.

„Со оглед на негативниот тренд во толку многу земји, индексот оваа година треба да биде повик за будење за сите нас“, порача извршниот директор на Светскиот проект за правда, Бил Нуком.

Индексот се базира на анкети извршени со 138.000 домаќинства и 4.200 експерти ширум светот.

Русија - Американски воен брод навлезе во руски води

Рускиот брод „Адмирал Трибјутс“

Руски воен број избркал брод на американската морнарица, кој наводно навлегол во руски територијални води за време на руско-кинеските поморски вежби во Јапонското Море, соопштија руските власти.

Засега нема коментар од американска страна.

Пријавениот инцидент на 15 октомври доаѓа во време кога односите меѓу Москва и САД и нивните западни сојузници се на најниско ниво по Студената војна, затегнати од низа прашања, вклучително и мешање на Русија во изборите, конфликтот во Украина и сајбер-нападите зад кои наводно стојат руски хакери.

Министерството за одбрана на Русија во соопштение наведува дека рускиот брод „Адмирал Трибјутс“ се приближил до американскиот брод разорувач Чафи, откако ги игнорирал предупредувањата да ја напушти областа во заливот Петар Велики. Превозот во областа е ограничен поради поморските вежби.

„Откако направи обид да ја премине руската морска граница, американскиот разорувач го смени курсот и излезе од областа во момент кога двата брода беа оддалечени само 60 метри еден од друг“, соопшти Mинистерството.

Претходно, Министерството соопшти дека Русија и Кина одржале заеднички поморски вежби во Јапонското Море и вежбале како да работат заедно и да ги уништуваат пловечките непријателски мини со артилериски оган.

Во услови на затегнати односи меѓу двете страни, имаше серија потенцијално опасни блиски средби меѓу руски и воените авиони на НАТО и бродовите на морнарицата во последните години, а Алијансата ја обвини Москва за агресивни маневри во воздух и на море.

Директорот на „Пошта“ смирува вработените не треба да бидат загрижени за исплатата на плати

Директорот на АД „Пошта“ Јани Макрадули

Директорот на АД „Пошта“ Јани Макрадули денеска изјави дека вработените не треба да бидат загрижени за финансиската стабилност за исплата на плати. Тој вели дека денеска уште утрово, во законски рок, како што е предвидено, е исплатена платата за сите 2.400 вработени.

Тој наведе дека на состанокот со синдикатите било договорено, по зголемувањето на минималната плата од 1 јануари, како да ја зголемат платата на вработените.

Денеска протестираа вработени во „Пошта“ во Охрид. Тие побараа навремена исплата на плати, одржлив развој, инвестирање и одржување во основните средства за работа, како во делот на платниот промет, така и во делот на достава.

Според нив, исплатата на месечните лични доходи на вработените се пролонгира со задоцнувања од месец во месец, се работи со дотраени средства за превоз на поштенските пратки, како и несоодветни униформи, што сето заедно неповолно се одразува на квалитетот на услугите што ги дава субјектот.

Седница за Косово во ОН: Дијалогот Белград – Приштина сега е императив

Србија - Шефот на Мисијата на Обединетите нации на Косово (УНМИК) Захар Танин и српскиот претседател александар Вучиќ во Белград, 7 октомври, 2021.

Шефот на Мисијата на Обединетите нации на Косово (УНМИК) Захар Танин изјави дека неодамнешните инциденти на Косово ја продлабочиле недовербата меѓу заедниците, поради што дијалогот под покровителство на ЕУ сега е императив.

На редовната седница на Советот на безбедност на ОН за Косово денеска, тој потсети дека при крај на извештајниот период уследиле неколку инциденти кои, како што наведе, биле последица на недостигот на политичко разбирање и комуникација.

Тој додаде дека е против еднострани акции и наведе дека сè мора да оди низ дијалог, но дека неодамнешните акции на косовската полиција ја зголемиле недовербата на српското население на северот.

Седницата се одржува два дека по новата криза на северот на Косово, каде што на 13 октомври локалните Срби протестираа поради акцијата на полицијата против шверцери на стока. На тоа му претходеа зголемени тензии поради регистарските таблички на Косово.

Инциденти на Косово, има повредени и упасени
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:42 0:00

Србија на седницата ја претставува шефот на дипломатијата Никола Селаковиќ, а Косово претседателката Вјоса Османи.

Таа на седницата рече дека Косово е заговорник на мир и дека крајната цел на дијалогот е меѓусебно признавање. Таа додаде дека Србија мора да „сфати дека реалноста независно Косово нема да се промени“.

Селаковиќ, пак, ги обвини косовските власти дека се одговорни за дестабилизацијата на северот на Косово. Тој рече дека „играњето со оган не може да се реши така што двете страни ќе се повикуваат на конструктивност и воздржаност, како што апелираа некои претставници на меѓународната заедница“. Според него, последните акции на косовската полиција покажуваат дека „е потребна поодлучна акција на меѓународната заедница“. Селаковиќ вели дека Србија е посветена на наоѓање компромисно решение во рамки на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

Десет повредени косовски полицајци и десетмина жители на Северна Митровица, кои побарале лекарска помош, како и осуммина уапсени е епилогот на инцидентот кој изби на 13 октомври утрината за време на акцијата на косовската полиција и царина против криумчари.

Путин - ИД има илјадници борци во Авганистан

Russia Putin

Милитантната група Исламска држава (ИД) има илјадници борци во северен Авганистан, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин. Изјавата на Путин доаѓа во време кога Москва се подготвува да биде домаќин на меѓународни разговори следната недела за ситуацијата во Авганистан.

„Според нашите разузнавачки податоци, бројот на членови на ИД само во северен Авганистан е околу 2.000 луѓе“, рече Путин за време на видео-обраќањето на самитот на поранешните советски држави.

Путин тврди дека борците на ИД планирале да се движат меѓу поранешните советски земји од Централна Азија, маскирани како бегалци, со цел да побудат верски и етнички раздор. Тој не даде повеќе детали за тоа.

Претходно оваа недела, Путин предупреди на заканата од ветерани кои се бореле во Ирак и Сирија, а кои имаат врски со ИД во Авганистан, а руското Министерство за надворешни работи ги повика талибанските водачи да се справат со заканата.

Специјалниот пратеник на Путин за Авганистан, Замир Кабулов, денеска рече дека разговорите следната недела ќе се фокусираат на обидот да се изнајде заедничка позиција за промената на ситуацијата во Авганистан.

САД, Кина и Пакистан ќе се приклучат на преговорите закажани за 19 октомври, рече Кабулов и додаде дека талибанците и другите регионални актери ќе се приклучат на состанокот еден ден подоцна.

Тој рече дека талибанците допрва треба да го објават составот на својата делегација.

Кабулов рече дека Москва не очекува никакви „пробивни решенија“, туку дека отворено ќе ги каже забелешките до авганистанската делегација.

Талибанците, кои ја презедоа контролата врз Кабул од меѓународно признатата влада кон средината на август, бараат меѓународно признавање и помош со цел да избегнат хуманитарна катастрофа, бидејќи економијата на Авганистан е во слободен пад.

По преземањето на Талибанците, Москва изрази загриженост за можноста исламистички милитанти да се инфилтрираат во поранешните советски републики од Централна Азија, кои ги смета за свој двор, и одржа воени вежби во Таџикистан, зајакнувајќи за својата воена база таму со опрема и оружје.

Путин денеска рече дека нема потреба да се брза со официјалното признавање на талибанците, но истакна дека разбира оти треба да комуницираме со нив.

ЕК в вторник ќе ги објави извештаите за напредокот на Западен Балкан

Знамиња на ЕУ и на Северна Македонија

Редовните извештаи за реформскиот напредок за земјите од Западен Балкан ќе бидат објавени на 19 октомври во Европскиот Парламент, јави дописничката на МИА од Брисел.

Извештаите на Европската Комисија секоја година го мерат напредокот во сите реформски области на земјите од Западен Балкан.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, ќе ги презентира извештаите во Стразбур пред европратениците.

Македонија стана земја-кандидат за членство во ЕУ во 2005 година, а од 2009 добива препорака за почеток на преговорите. Како главен проблем се посочуваше спорот за името со Грција. Во 2018, Македонија го смени името во Северна Македонија и Грција ја прекина блокадата на македонските евроинтеграции. Премиерот Зоран Заев потоа се пофали дека земјава добила датум за преговори, а тоа е јуни 2019, но во јуни таа година Германија побара одложување на одлуката за октомври поради тоа што Бундестагот немаше донесено одлука. Во октомври, пак, Франција го блокираше почетокот на преговори за да се промени методологијата. Методологијата се промени, но минатата година Бугарија го блокира стартот на преговорите, со тврдење дека Македонија ја краде бугарската историја, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Блокадата остана и годинава.

Напаѓачот со лак и стрела оди во притвор во медицинска установа

Норвешка - Полиција на една од локациите каде е извршен напад со лак и стрела.

Човекот кој е осомничен дека во Норвешка уби пет луѓе во напад со лак и стрела да биде задржат во притвор во медицинска установа, нареди Норвешкиот суд. Во установата експерти треба да го проценат неговото ментално здравје, одлучи Судот.

Триесет и седумгодишниот Еспен Андерсен Братен, кој е дански државјанин и кој преминал во ислам, ќе остане во притвор четири недели, од кои првите две во целосна изолација, одлучи денеска судијата.

Потребна е целосна психијатриска евалуација за да се утврди дали Братен може да биде законски одговорен за своите постапки. Ако психијатрите утврдат дека е ментално болен, тој би можел да биде ограничен на психијатриска нега, а не да се соочи со можна затворска казна.

Истражителите велат дека Братен ги признал нападите кои се случија на 13 октомври на различни локации во градот Конгсберг, југозападно од главниот град Осло.

Во нападите загинаа четири жени и еден маж, а ранети се уште три лица.

Властите рекоа дека нападот изгледа како терористички чин, но не отфрлаат дека можеби станува збор за чин на ментално нестабилна личност.

Братен и бил познат на полицијата претходно поради стравувањата дека се радикализирал.

Британски пратеник избоден до смрт додека имал состанок со гласачи

Полиција пред методистичката црква каде е избоден до смрт пратеникот од Британија, Дејвид Ејмс.

Британски пратеник е избоден со нож до смрт додека бил на состанок со гласачи, соопшти британската полиција.

Британскиот пратеник од редовите на конзервативците, Дејвид Ејмс, кој имал 69 години, е избоден денеска додека во методистичката црква имал состанок со гласачи. За време на состанокот во црквата влегол човек и го избол пратеникот, соопшти полицијата. Итните служби се обиделе да му помогнат на пратеникот, но тој починал на местото на настанот. Ејмс е вториот британски пратеник убиен во последните пет години.

Напаѓачот, дваесет и петгодишен маж, е уапсен под сомнение за убиство. Кај него бил пронајден нож.

Ејмс беше пратеник од 1983 година. Тој бил женет и татко на пет деца.

Политичари од различни партии велат дека се шокирани од настанот, а лидерот на Лабуристичката партија Кир Стармер на Твитер напиша дека тоа е „ужасна и длабоко шокантна вест“.

Во 2016 година, во Британија беше убиена пратеничката од Лабуристичката партија Џо Кокс пред библиотека во Западен Јоркшир.

Десетици мртви во напад на шиитска џамија во Авганистан

Африфска фотографија од нападот на шиитска џамија во Авганистан на 8 октомври.

Најмалку 32 лица загинаа, а 53 се повредени во експлозија во шиитска џамија во јужниот авганистански град Кандахар, соопштија болнички извори. Експлозијата се случила денеска(15 октомври) во време кога џамијата била преполна со верници кои присуствувале на петочната молитва.

„Досега во нашата болница се донесени 32 тела и 53 ранети луѓе“, изјави за агенцијата АФП, лекар од главната болница во градот.

Никој досега не презеде одговорност за експлозијата и не се знае што ја предизвикало.

Нападот врз џамијата Имам Барга се случува една недела по самоубиствениот бомбашки напад на шиитска џамија во северниот авганистански град Кундуз. Одговорност за тој напад ја презеде локалната филијала на Исламска држава - Исламска држава-Корасан (ИД-К). При тој напад загинаа 46 лица.

ИС-К се противи на талибанците кои сега владеат со поголем дел од Авганистан.
Портпаролот на Талибанците Билал Карими ја потврди експлозијата и рече дека истрагата е во тек, без да даде повеќе детали.

МНР - Споменикот на бугарските војници кај Кавадарци не е оштетен

Зградата на Министерство за надворешни работи

Министерството за надворешни работи излезе со реакција во врска со наводно оштетување на споменикот обележје за загинати 193 бугарски војници во Првата светска војна, во близина на трасата на експресниот пат Градско-Прилеп, делница „Фариш – Дреново“, Кавадарци.

Во реакцијата на МНР се наведува дека Управата за заштита на културно наследство и Јавното претпријатие за државни патишта направиле вонреден увид и констатирале дека главниот споменик се наоѓа во добра состојба, без оштетувања.

Во соопштението на МНР стои дека главниот споменик не потпаѓа под никаков режим на заштитен споменик или културно наследство. Понатаму се наведува дека околу споменикот постои земјоделско земјиште кое се обработува на начин што се заобиколува ова обележје и дека споменикот не е засегнат од какви било извршени градежни работи. Околу овој споменик нема гробишта или гробни места, а според увидот на терен, таквата состојба не се знае дали била различна во минатото. Околу 100 метра од овој споменик констатирано е дека има и втора помало обележје, чија меморија не е позната, велат од МНР.

„Со утврдената фактичка состојба од надлежните институции, сакаме да ги отфрлиме сите обвинувања кои се појавија во јавноста, притоа и да упатиме апел до сите инволвирани поединци и институции да бидат внимателни и да не наседнуваат на очигледни провокации чија интенција е да ги загрозат добрососедските односи меѓу двете земји, и напорите на двете Министерства за изнаоѓање заеднички решенија за надминување на разликите“, стои во реакцијата на МНР.

Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска ја коментираше и темата за уништените бугарски воени гробишта во Македонија. Тој рече дека случајот го истражуваат бугарското Министерство за надворешни работи и Министерството за одбрана и истакна дека, според него, тоа претставува систематски процес на дебугаризација, процес на заживување на уништувањето на бугарското културно-историско наследство во Македонија.

Во меѓувреме репортерски тим на Бугарската национална телевизија, кој бил во посета на местото објави репортажа според која двата споменика во близина на Кавадарци на бугарските војници убиени во Првата светска војна, кои се оддалечени еден и пол километар еден од друг, се целосно недопрени.

Екипата на БНТ направила репортажа за да ја провери состојбата, откако ВМРО и Виктор Стојанов од Фондацијата Македонија објавија дека при изградбата на автопатот од Скопје до Штип, кој поминува покрај Кавадарци, биле уништени две воени гробишта.

Една четвртина од заразени со ковид во изминатите два месеци биле вакцинирани

Во последните два месеци, односно во период од 6 август до вчера, се потврдени 40.208 граѓани позитивни на ковид-19, од кои 25 отсто биле целосно вакцинирани, односно 10.066 лица, соопшти Министерството за здравство. Останатите 74,9 отсто од заразените, или 30.142 граѓани не биле вакцинирани, се наведува во анализата што ја објави Министерството за здравство.

За вакцинирани, како што се посочува, се сметаат лицата кои примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од апликацијата на втора доза вакцина.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 79 отсто, додека 21 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6 август до вчера, на територија на државата починале 1382 пациенти со ковид-19. Од нив 1149 односно 83 отсто не биле вакцинирани, а само 17 отсто односно 233 примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас.

Средба Вучиќ – Путин на крајот на ноември

Русија - претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека го добил како прелиминарен датум 25 ноември за средба со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.

Двајцата претседатели ќе разговараат за проблемите во Косово, цената на гасот и актуелната гасна криза во Европа.

Вучиќ запрашан за средбата со Путин и енергетската ситуација, изјави дека само несериозните луѓе можат да кажат дека ситуацијата е целосно стабилна и безбедна.

„Верувавме дека ќе се намали цената на гасот на пазарот, но нашите анализи не се точни. Денес на берзата во Холандија, која е референца за Европа, цената на гасот е 1.200 долари за 1.000 кубни метри. Ние купуваме гас за 270 долари“, рече Вучиќ.

Тој потсети дека Србија има договор за увоз на гас од Русија по таа цена до крајот на годината, но, како што вели, треба да се размислува што ќе се прави по 1 јануари.

Вучиќ последен пат се сретна со Путин во јуни минатата година, кога присуствуваше на воената парада по повод 75-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна.

Нови 413 заразени со ковид-19, пријавени 13 починати

Ковид-амбуланта во Скопје

Во последните 24 часа регистрирани се 413 нови случаи на ковид-19 од направени 3.025 тестирања, соопшти Министерството за здравство.

Во Скопје има 205 нови случаи, Куманово – 37, Велес – 20, Прилеп – 19, Битола – 15, Штип – 14, Кавадарци – 12, Пробиштип – 9, Тетово, Охрид и Гевгелија – по 8, Кичево и Кочани – по 7, Струмица – 6, Свети Николе, Крива Паланка и Делчево – по 5, Македонска Каменица – 4, Струга, Неготино, Радовиш и Кратово – по 3, Богданци и Демир Хисар – по 2, Гостивар, Берово и Пехчево – по 1.

Регистрирани сe 309 оздравени пациенти.

Во текот на изминатите 24 часа починале 9 лица: 4 починати лица од Скопје (74г, 73г, 72г и 28г), 2 починати лица од Велес (86г и 74г) и по едно починато лице од Кавадарци (65г), Пробиштип (55г) и Штип (71г). Сите пријавени лица се починати во болнички услови.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, пријавени се уште 4 починати лица, со датум на смрт од 06.10.2021 до 09.10.2021 година. Регистрирани се по едно починато лице од Куманово, Струмица, Кичево и Гостивар, на возраст од 57 до 84 години. Од пријавените лица 2 се починати во болнички услови, а 2 во домашни услови.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 196.376 бројката на оздравени пациенти е 182.782, на починати е 6.901, а бројот на активни случаи изнесува 6.693

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG