Текстилците бараат пратениците да го откочат 5. сет мерки

Илустрација - Работнички во текстилна индустрија

Здружението „Гласен текстилец“ од Штип денеска испрати отворено писмо до пратениците во Собранието во кое бара од нив под итно да се донесе петтиот пакет на економски мерки. Во писмото се вели дека оваа социо-економска и здравствена криза предизвикана од вирусот Ковид-19, „удри со сета сила по вработените од ниско-профитабилните и трудоинтензивни гранки, по жените, младите, возрасните пред пензија, хронично болните лица, самохраните родители“.

„Се соочија со незаконски откази, не продолжување на договорите за работа, намалена плата, доцнење на плата и по два месеца, губење на права од работен однос, се разболуваа на работно место, но се трудеа да опстојат поради нивните семејства. Голем дел од фирмите особено во текстилната индустрија, немаат се уште исплатено плати за февруари и март 2021 година на работниците и работничките, така што тие се оставени на милост и на немилост. Поради неисплата на плати и лошата состојба на фирмите, работниците при користење на здравствени услуги се принудени да плаќаат на приватно. Свесни сте дека тоа значи изложување на огромни парични издатоци и е сериозен проблем за нормално живеење“, се вели во писмото на „Гласен текстилец“ до пратениците.

Видете и ова: Законите не може да стигнат до седница, собраниските служби затрупани со амандмани

Во меѓувреме, Собранието е затрупано со десетици илјади амандмани од речиси сите партии, и тешко дека работата може да се одглави без договор меѓу политичките партии. Опозициската коалиција Алијанса за Албанците/Алтернатива има поднесено околу 30 илјади амандмани, ВМРО-ДПМНЕ скоро 6000, а Левица над 1000 амандмани на различни закони. Поради блокадата Собранието не може да ги донесе антикризните мерки за помош на граѓаните и фирмите погодени од ковид-кризата.

Едно од условувањата на опозицијата е она на Алијанса и Алтернатива,а по врзано со законот за државјанства, за што денеска ретставници на двете партии имаа средба со премиерот Зоран Заев, а по која рекоа дека има напредок.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, пред шест дена рекоа дека ќе чекаат да видат што ќе се договорат власта и Алтернатива/Алијанса, па потоа ќе одлучат за нивните амандмани. Опозицијата на неколку прес-конференции побара Владата и премиерот Заев јавно да кажат дали поширокото семејство Заеви или нивни соработници се инволвирани во случајот.