Меџити се повлекува од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ, останува лојален на Ахмети

Пратеникот од ДУИ Изет Меџити

Пратеникот од ДУИ Изет Меџити на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека го известува претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери дека се повлекува од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ.

Тој во обраќањето наведе дека Џафери придонел за дополнителни демократски вредности во домот на демократијата, а демократијата, наведе пратеникот, не само што дозволува, туку и ја промовира и иницира дебатата, а со тоа и различното мислење, „не само во општеството и во храмот на демократијата, републичкиот Парламент, туку дури и во рамките на еден политички субјект“.

„Од оваа причина, стоејќи достоинствено зад овие принципи, останувајќи силно зад личните ставови, досега често изразени во јавноста, дека во политичкиот субјект на кој припаѓам од првите денови на нејзиното основање, се развиваат случувања што на никаков начин не можат да одат во прилог на најголемата политичка сила на Албанците на РСМ и што е уште поважно, ни во прилог на неприкосновениот лидер на Албанците, претседавачот г. Али Ахмети, но и заради не создавање на забуна ниту кај еден мој колега во Собранието, а од друга страна, со намера да дадам поширок простор на мојата интенција за подостоинствена елаборација на позицијата зад која силно стојам, Ве известувам дека се повлекувам од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ“, наведе Меџити.

Тој нагласува дека ќе продолжи да биде, како што вели, гардиан на политиките и идеалите на претседателот Али Ахмети, како и на волјата на гласачите на ДУИ.
Инаку, поранешниот чаирски градоначалник, сега пратеник во Собранието, одамна има забелешки за некои претставници на ДУИ во владата, особено за првиот вицепремиер Артан Груби. Меџити отворено зборува за несогласувањата во партијата за кадровската политика, а најавуваше дека е можно да поднесе интерпелација во Собранието за работата на Груби и на министерот за надворешни работи Бујар Османи.