Врховниот суд ја отфрли последната жалба на Трамп за изборите

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп

Американскиот врховен суд денеска ја отфрли последната претставка поднесена од поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговите поддржувачи за изборите што се одржаа лани во ноември. Судот ја отфрли жалбата без да даде коментар.

Во последниот случај Трамп оспори илјадници гласачки ливчиња во Висконсин, каде што изгуби од неговиот ривал Џо Бајден, кој беше инаугуриран за претседател на САД на 20 јануари. Минатиот месец беа одбиени две жалби на Трамп, една исто така за Висконсин и една за Пенсилванија. Понискиот суд претходно одлучи против републиканскиот кандидат во трите случаи.

Трамп тврдеше и продолжува да тврди дека изборите на трети ноември биле фалсификувани. Неговата кампања и поддржувачите поднесоа и изгубија повеќе од 63 жалби за изборниот процес. Повеќето од жалбите беа одбиени поради недостиг на докази.