Руските вакцини пристигнуваат попладне

Првата пратка од руските вакцини против ковид -19 треба да пристигне во земјава попладне. Пратката вакцини кои Министерството за здравство ги купи од рускиот производител „Спутник V“ ќе биде доставена со специјален транспорт преку компанијата „ДХЛ“. Вакцините ќе ги пречекаат министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на Руската Федерација во земјава Сергеј Баздникин на меѓународниот аеродром Скопје.

Вакцините, кои се наменети за три илјади граѓани, се во соодветно пакување, ладен ланец, со запазување на температурите.

„Ова е вакцина која што за разлика од Фајзеровата се чува на температура од – 18 до -20 степени, за што нашата инфраструктура е спремна. По преземањето ќе се смести во нашите фрижидери, ќе се организира процесот на вакцинацијата во пунктовите во Здравствениот дом во Скопје“, изјави министерот Филипче.

Од кинеската вакцина, пак, се очекуваат 200.000 дози од кои одредена количина може да дојде за кратко време, но се уште нема потврда кога. Од „Спутник V“ се очекуваат 200.000 дози или со оние од „Астра Зенека“ вкупно 2.200.000 вакцини треба да стигнат во земјава. Вакцинацијата со руската вакцина веројатно ќе почне в среда, најави министерот Филипче.

Засега вакцинацијата се врши со вакцини од Фајзер што Србија и ги достави на Македонија. Станува збор за 8000 дози наменети за вакцинација на медицинските лица.

Во земјава бројот на пациенти заразени со ковид-19 и натаму е во пораст. Бројот на активни случаи изнесува 9186.