Има слободни кревети за ковид-пациентите

Ковид-19 амбуланта во Скопје

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 795 и има околу 342 празни болнички кревети во ковид центрите, соопштуваат од Министерството за здравство (МЗ).

Во Скопје се лекуваат 303 лица сомнителни и потврдени за ковид-19, а во ковид центрите во болниците низ земјава во изминативе 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 492 пациенти.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, најмногу ковид –пациенти се хоспитализирани во болниците во Прилеп- 84, во Куманово 74, во Кавадарци 57 и во болницата во Охрид 56 пациенти со корона.

Во овие градови во изминатите денови има пораст на заразени со ковид. Министерот за здравство Венко Филипче информира дека според анализите, голем број од новите случаи се должат на т.н. британскиот вирус, над 70 проценти, посебно во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и Охрид.

Инаку, како што се посочува во соопштението на МЗ, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството информира дека има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.