Судот беше ажурен со одлуката за притвор на Мијалков, тврди Џолев

Иван Џолев

Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, денеска изјави дека предлогот за притвор на Сашо Мијалков, обвинет за масовно незаконско прислушување во предметот Таргет-Тврдина, стигнал во Судот во неделата во 15 часот, а одлуката била изготвена во 18.30 часот. Според него, како што рече, тоа е ажурно дејствување.

„Тоа се сè на сѐ три и пол часа, така што Судот постапи апсолутно ажурно. Сите познавачи на судството во Македонија ќе ви кажат дека Судот одлучувал во најбрз можен временски период. Согласно законските одредби рокот е 24 часа, што значи судот можел да одлучува до понеделник до 15 часот, но сметавме дека е итно да се постапи и така е постапено“, рече Џолев одговарајќи на новинарско прашање во врска со случувањата поврзани со поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

Поранешниот прв разузнавач се бараше со меѓународна потерница откако надлежните не можеа да го најдат за да му го достават решението за притвор. Покрената беше потрага, по која, по 48 часа, Мијалков сам се пријави во Обвинителството. Следуваа изјави од обвинителката Вилма Русковска и министерот за внатрешни работи кои, барајќи дали е направен пропуст, хронолошки ги редеа сите настани и преземени активности во врска со Мијалков. Премиерот Зоран Заев изјави дека е добро што на крајот Мијалков е „обезбеден“, а опозицискиот лидер Христијан Мицкоски рече дека „сето ова е циркус“.