Достапни линкови

А што ако прислушувал исчезнатиот зол близнак на Мијалков?


Илустрација - Сашо Мијалков, Зоран Заев, Вилма Русковска и Оливер Спасовски
Илустрација - Сашо Мијалков, Зоран Заев, Вилма Русковска и Оливер Спасовски

Драмата со бегството на екс директор на УБК Сашо Мијалков на многумина им личи на теленовела. Кога Мијалков го немаше, власта велеше дека системот не функционира, кога тој се појави, тоа беше доказ дека сепак функционира. Целата ситуација мириса на пазар, коментира дел од твитер заедницата

Уште судот утре да утврди дека виновен за масовното нелегално прислушување во Македонија бил одамна исчезнатиот зол брат близнак на поранешниот директор на Управата за безбедност за контраразузнавање Сашо Мијалков, тоа би бил логичен епилог на латиноамериканската теленовела со бегството или самоизолацијата на Мијалков што се случуваше во изминатите денови. Вака сумирано изгледаат коментарите на социјалните мрежи по исчезнувањето и појавувањето на Мијалков. Изрекувањето на пресудата за случајот Таргет-Тврдина за нелегалното прислушување е закажана за утре, петок 26 февруари. Случајот Мијалков е најпопуларна тема на социјалните мрежи во изминатата недела.

Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска во саботата од свој извор добила информација дека Мијалков се спрема да бега, па цел ден до вечерта траат проверките со МВР дали тој навистина спрема бегство. Веројатно помислиле дека утрото е попаметно од вечерта, па сите си легнале да спијат. Утредента, во неделата, обвинителството бара притвор, Кривичниот совет се состанува дури попладнето, додека Мијалков седи во својот хотел Мериот во центарот на Скопје. Судот носи одлука за домашен притвор, но додека да се формализира поминуваат уште неколку часа, а Мијалков заминува од хотелот. Во неделата вечер, сите сфаќаат дека поранешниот прв контраразузнавачго нема или со полициски речник, полицајците кои го набљудувале „изгубиле визуелен контакт“ со него.

Растрчаните полицајци вечерта почнуваат со отворање гепеци на автомобили низ Скопје.

Во понеделникот наутро, премиерот Зоран Заев вели дека „за жал се случи уште едно бегство“. Во вторникот попладне, додека јавноста бара одговорност, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се препотува пред новинарите, објаснувајќи дека тој не е виновен, туку системот.

Спасовски вели дека според нивните анализи, Мијалков сè уште е во земјата, во момент кога на интернет страницата на министерството стои меѓународната потерница по него.

Два часа подоцна, облечен само во блуза Долче и Габана од 1000 евра, во стилот „слушам сте ме барале“ Мијалков доаѓа во Обвинителството.

Камерата на ТВ24 „случајно“ е таму да го овековечи „Сашојавлението“.

Бегалецот вели дека не е бегалец, туку дека цел ден бил со симптоми на коронавирус, имал температура од 40 степени и се повлекол во самоизолација, па кога дознал дека го бараат дошол да види што е работата.

Тоа за дел од граѓаните потсетува на сцена од популарната српска крими-серија Јужен ветар, кога нешто слично изведува Милош Биковиќ во улогата на гангстерот Петар Мараш.

Премиерот Заев вечерта излегува на прес-конференција за триумфално да соопшти дека Сашо Мијалков е обезбеден и оти системот сепак функционира.

Полицијата го носи Мијалков го домашен притвор, а обвинителката Русковска не се жали на таа одлуката и не бара тој да биде однесен во притвор.

Фалеше уште сите среќно да заиграат оро, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

За други, пак, целата ситуација „мириса на пазар“.

Во ноември 2018 година, поранешниот премиер Никола Груевски избега во Унгарија, каде што доби политички азил. Тој беше осуден на две години затвор во случајот „Тенк“ за набавката на владиниот Мерцедес. Власта и тогаш спроведуваше истрага за бегството, но никој не беше крив.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG