Захариева - Бугарија наскоро ќе ѝ донира вакцини на Македонија

Министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева

Наскоро ќе донираме вакцини за Северна Македонија, кога ќе имаме доволно количества од ЕУ, вели министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева, јави дописникот на МИА од Софија.
Таа за телевизијата БТВ изјави дека доцнењето се должело и на механизмот Ковакс, каде Бугарија е исто така учесник.

„Сега започнува редовното снабдување со вакцини од страна на ЕУ и се надевам дека наскоро ќе ја имаме оваа можност. Бугарија наскоро ќе достави вакцини во Северна Македонија“, вели Захариева.

„Јас навистина сакам односите меѓу Бугарија и Северна Македонија да се вратат во нормала. Мислам дека ако ги намалиме емоциите, има начин да се најде договор“, додава Захариева.

Бугарија го блокираше почетокот на преговори на Македонија со ЕУ, тврдејќи дека Скопје ја краде бугарската историја. Според нив, македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а Македонците постојат од 1944 година.