Пленковиќ: Русија подготвена на Хрватска да и ја испорача вакцината Спутник V

Андреј Пленковиќ, премиер на Хрватска

Премиерот Андреј Пленковиќ денеска најави можност Хрватска да ја увезе руската вакцина Спутник V против коронавирус. Тоа сепак ќе зависи од одобрувањето на Европската Агенција за лекови. Пленковиќ изјави дека Русија е подготвена да ја достави вакцината во Хрватска.

„Сега разговараме со Хрватската агенција за лекови што можеме правно да направиме, почитувајќи го законодавството на ЕУ. Кога ЕМА ќе одобри, ќе може да се користат овие вакцини и во Хрватска. Треба само да бидеме сигурни во однос на јавното здравје“, рече Пленковиќ.

Во светот расте интересот за руски и кинески вакцини

Тој рече дека разговарал и со некои фармацевтски компании минатата недела и додаде дека испораката на вакцини во Хрватска ќе биде забрзана во текот на март кога би требало да пристигнат 600.000 нови дози.