Повеќе од 46 000 граѓани ја пополниле апликацијата за вакцинација

Министерството за здравство информира дека веб-страницата „vakcinacija.mk“ на која граѓаните може да искажат заинтересираност за вакцинација против Ковид-19 е достапна и на албански јазик на следниот линк: https://vakcinacija.mk/alb/.

Од ресорното министерство соопштија дека веќе 46.023 лица ја пополниле формата за аплицирање на оваа веб страница. Во нивното известување е наведено дека преку оваа апликација, граѓаните искажуваат само интерес, но не и закажување за термин за вакцинација.

5 поенти за вакцинирањето против Kовид-19 во Македонија

Од таму појаснуваат дека „Мој термин“ го утврдува датумот и часот за вакцинирање согласно фазите кои се содржат во Националниот план за имунизација на населението во земјава. Во меѓувреме вакцинацијата почнува в среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје. Вакцинацијата ќе се одвива на пет вакцинални позиции, а во тимовите за имунизација ќе има медицински сестри и лекари. Модуларната болница ќе работи во две смени од 8 до 20 часот.