Прекинат неонацистичкиот Луков марш во Софија

Софија- марш во чест на генералот Христо Луков, февруари 2016 година

Попладнево во Софија имаше обид се одржи таканаречениот Луков марш кој го организираат различни националистички фракции во спомен на контроверзниот генерал Христо Луков, но маршот беше прекинат со наредба на градоначалничката на Софија.

Кратко време откако почитувачите на контроверзниот бугарски генерал Христо Луков се собраа во центарот на Софија на марш со факели, градоначалничката на главниот бугарски град Јорданка Фандакова издаде наредба за забрана на собирот, по што како што јавуваат бугарските медиуми, полицијата ги разделила насобраните во помали групи. Според наредбата од градоначалничката тие не можат, како што планираа, да маршираат низ Софија, туку само да се соберат пред куќата во која живеел Луков и таму да положат цвеќе. По интервенцијата на полицијата, како што јавува Бугарската национална телевизија, насобраните во помали групи се упатиле кон куќата во која живеел генералот.

Инаку, собирот за разлика од минатата година, кога градот Софија претходно го забрани и беше јасно дека нема да има марш, оваа година не го стори тоа, па се планираше да се одржи. Организаторите, Бугарскиот национален сојуз, го закажаа за попладнево под мотото „Ние не капитулираме“.

Светски еврејски конгрес- Бугарија да го спречи маршот

Непосредно пред закажаниот термин за Луковиот марш, пред Музејот за историја во Софија, пак, се собраа граѓани под мотото „Без нацисти на нашите улици“. Како што јави агенцијата БГНЕС насобраните порачаа дека требало да се чуе и другиот глас, оној на човечноста и солидарноста, а против фашизмот. Меѓу нив имаше и пратеник од Левица и еден бугарски европратеник. И овој собир се одржува традиционално, како глас против Луковиот марш.

Од ГЕРБ, партијата од која е и градоначалничката на бугарскиот главен град, го осудија собирот пред обидот за негово одржување.

"Во едно демократско општество градоначалникот на градот нема право да одобрува или забранува нечија идеологија, но има одговорност да има став ако едно големо собирање на луѓе на јавно место води до претпоставка за нарушување на јавниот ред. А „пребројувањето на бугарските фашисти“, попознато како Луков марш е токму таков собир“, се наведува во соопштението на ГЕРБ.

Против маршот веќе се изјаснија и од Демократска Бугарија и од БСП, а настанот поддршка доби само од европратеникот од ВМРО-БНД Ангел Џамбаски.

Од Бугарската социјалистичка партија наведуваат дека Луковиот марш не е само против Уставот и законите на Бугарија, туку и против вредностите на бугарското општество кое ги спасило бугарските Евреи од концентрационите логори.

„Убедени сме дека е огромна грешка да дозволиме одржување на настан во чест на личност и идеологија која ги симболизира најмрачните моменти од европската историја во 20-тиот век“, велат од БСП.

Од коалицијата Демократска Бугарија, пак, наведуваат дека неонацистичките пројави немаат место во една демократска држава. Во нивното соопштение се наведува дека колоните луѓе кои маршираат низ центарот на Софија извикуваат пароли за заштита на „белата раса“ и сакаат од жарот на минатато да го запалат пламенот на иднината, а нивната реторика изобилува со омраза кон различните и повикува на крв.

Видете и ова: Светски форум за Холокаустот

Претседателот на Светскиот еврејски конгрес Роналд Лаудер, пак, вчера побара од Бугарија да го спречи Луковиот марш бидејќи како што наведе, фашизоидните поединци се срам за државата.

Европратеникот Џамбаски- Луков е херој

Но, пратеникот од ВМРО-БНД Ангел Џамбаски Луков го нарекува бугарски офицер кој бил херој на војните за бугарско национално обединување.

„Срамен акт е да убиеш човек во грб. Од најсрамните. Без суд, без пресуда, пред очите на ќерка му и тоа не кој било човек, туку бугарски офицер, херој на војните за бугарско национално обединување“, вели Џамбаски.

Настанот Луков марш е познат во Бугарија како парада на националистички организации. Минатата година не се одржа поради забраната од град Софија, донесена врз основа на одлуката на Врховниот административен суд. Организаторите на настанот, Бугарскиот национален сојуз, потоа ја обжалија одлуката на градот Софија и таа падна пред судските власти. Инаку, овој настан се одржува од 2004 година, секоја година, а исклучок беше само минатата година.

Потоа обвинителството побара бришење на Бугарскиот национален сојуз „Еделвајс“ кој е еден од организаторите на Луков марш, за организирање на противуставни настани и поттикнување на говор на омраза. Невладините организации во Бугарија, пак, со години предупредуваат наведувајќи ја блискоста на Сојузот на бугарскиот национални легии, чиј прв човек бил генерал Луков, со нацистичката идеологија и историските врски на таа организација со нацистичкиот режим.

Кој бил генерал Луков?

Луков бил министер за одбрана од 1935 до 1938 година, по што ја напушта владата и во текот на 1940 се приклучува до Сојузот на бугарските национални легии, чиј лидер и станува. Според бугарскиот историчар Стефан Дечев самата организација со која раководи Луков е клучна за дебатата и прашањето дали имало фашизам во Бугарија. Во колумна за Радио Слободна Европа Дечев пишува дека Сојузот на бугарските национални легии своите корени ги влече во младинската фракција на сојузот Бугарска родна заштита кој уште во 20-тите години на минатиот век ја декларира својата фашистичка определба.

"Идеологијата на организацијата е истовремено силно националистичка, антикомунистичка, антимасонска, антидемократска и антилиберална, со јасно изразени симпатии кон италијанскиот фашизам и германскиот националсоцијализам. За време на Втората светска војна организацијата изразува симпатии кон „новиот поредок“ на Третиот рајх и сосема отворено се восхитува на националсоцијализмот. Таа дури собира и бугарски доброволци за учество во африканскиот корпус на Вермахтот во Либија. Во годините на Втората светска војна Сојузот на бугарските национални легии е во опозиција на власта на царот Борис Трети и владата на Богдан Филов бидејќи смета дека официјалната државна политика не е доволно националистичка и дека не соработува доволно со Третиот рајх", пишува Дечев.

Луков е убиен во 1943 година од комунистичка воена група и насилната смрт, како што пишува Дечев, го поттикнува создавањето на култ кон него во легионерското движење и во крајните националистичките средини кои имаат симпатии кон Третиот рајх и се противниците и на болшевизмот и на западните демократии.