Достапни линкови

Бугарската влада финансира организација за „освестување на македонските Бугари“


Архивска фотографија- бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерот за одбрана Красимир Каракачанов

Околу 225 000 евра државни бугарски пари добила невладина организација блиска до министерот за одбрана Каракачанов. Македонскиот научен институт ги навестил денешните позиции на Софија уште пред потпишувањето на Договорот за добрососедство. Каракачанов не одговори на прашањата на РСЕ.

Бугарската држава со години и давала пари на невладината организација Македонски научен институт со седиште во Софија и во истата зграда со ВМРО-БНД на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов. Ова го откри бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа, според чија пресметка, за пет години на организацијата и се исплатени околу 225 000 евра пари од бугарскиот државен буџет.

Она што е интересно се целите на организацијата финансирана од државата.

„Целите на организацијата се да го осветлува општественото мислење во земјата и во странство, односно насилната денационализација на бугарското население во Македонија, да ги разобличува фалсификатите на историското минато и да го разоткрива каракетерот на национално ослободителното движење на Бугарите во Македонија“, се наведува во целите на организацијата.

Бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа детално ја открива и врската на здружението со партијата на Каракачанов. Новинарката Полина Паунова пишува дека покрај тоа што се во иста зграда во центарот на Софија, како претставници на здружението се наведени двајца, Георги Николов и Владимир Митов, кој е и советник во советот на главниот бугарски град од групата Патриоти за Софија од квотата на ВМРО-БНД.

Македонски научен институт почнува да зема државни субвенции во 2016 година, во време кога партијата на Каракачанов е дел од парламентарната коалиција Патриотски фронт и има потпишано спогодба со партијата ГЕРБ на актуелниот премиер на Бугарија Бојко Борисов во која се наведува дека ја поддржува владата. Тогаш тие немаат официјално свои министри, но според спогодбата се дел од парламентарното мнозинство.

Каракачанов во владата- повеќе пари за здружението

Официјално, ВМРО-БНД влегува во владата по изборите во 2017 година и добива свои министри. Од тогаш парите кои ги добива здружението на годишно ниво почнуваат и да се зголемуваат за по 15 000 евра, па така за четири години се доаѓа до вкупната сума од околу 225 000 евра.

„Кој е вашиот проблем со ова“ е одговорот кој го добиле колегите од бугарскиот севис на Радио Слободна Европа на прашањето упатено до општинскиот советник на ВМРО Владимир Митов, кој е и претставник на здружението.

“Што сакате, да дојдам и да си ги скинам дипломите пред вас? Јас сум во институтот како историчар, а не како политичар ”, вели Митов.

Здружението ги навестува бугарските позиции од 2017 година

Ова здружение, Македонски научен институт, се споменува и во македонските медиуми неколкупати поврзано со нивните ставови за бугарско македонските односи, кои често се слични со оние на министерот Каракачанов, но во дел се поклопуваат со денешната бугарска политика за европските интеграции на земјава.

Па така во 2017 година, период во кој организацијата веќе е финансирана од државата, бугарскиот европратеник од ВМРО-БНД Ангел Џамбаски во Европскиот парламент на претставниците на Македонскиот научен институт им организира средба со под наслов „Македонија и нејзиниот пат кон европската интеграција“.

Целта на средбата, како што беше најавено, е преставување на историјата на македонските Бугари во Европскиот парламент. Тој настан се одржа во јуни 2017 година, два месеца пред премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов да го потпишат Договорот за пријателство меѓу двете земји, за кој официјална Софија денеска тврди дека Скопје го прекршува и поради тоа ја блокира македонската евроинтеграција.

Лани во октомври, непосредно пред бугарското собрание да ја усвои декларацијата за преговорите на земјава со ЕУ, Македонскиот научен институт излегува со осум свои барања за отворање на преговорите на Скопје со унијата. Тогаш од организацијата набројаа:

"Да се признаат бугарските корени на мнозинството од населението во историско-географската област Македонија, да се осудат политичките убиства и репресии против Бугарите извршени по 1944 година, да се променат учебниците и помагалата во кои историската вистина за Бугарите во Македонија е изменета, да се отстранат натписите на спомениците, на музејските експонати и друго со антибугарска содржина, да се преосмислат националните празници насочени против бугарската држава, да се стави крај на јазикот на омразата кон Бугарите во медиумите, да се признае дека официјалниот јазик според Уставот на Северна Македонија е формиран врз основа на бугарски говори и да им се дадат граѓански и политички права на Бугарите еднакви на правата на другите етнички групи во земјата“.

Овие барања на институтот, речиси идентично се појавија во официјален документ на Бугарија годинава. Во објаснувачкиот меморандум кој во август го испрати Софија до земјите членки на унијата, се наведуваат речиси истите позиции кои организацијата блиска до Каракачанов ги објави лани.

Отчет за парите

Бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа разгледувајќи го отчетот за потрошените пари наведува и дека со средствата кои ги добиле од државата за година во висина од 50 000 евра, здружението финансира и телевизиска емисија наречена Време е за Македонија која се емитува на телевизијата Бугарија24.

Во бугарската јавност таа телевизија се нарекува и телевизија на ВМРО, а проверката на Радио Слободна Европа покажа дека се наоѓа на иста адреса со партијата и Македонскиот научен институт, улица Пиротска број 5 во центарот на Софија.

И во буџетот за следната година, 2021 кој сега се во процедура на усвојување се предвидени 50 000 евра за Македонскиот научен институт. Но како што пишува РСЕ, меѓу првото и второто читање на законот пратениците од ВМРО-БНД поднесуваат уште две барања за финансирање на организии, по околу 18 000 евра да добијат Добруџанскиот научен институт и Бугарското здружение на родовите од Македонија. Подоцна, барањето на пари за Добруџанскиот научен институт е повлечено, но тоа за Бугарското здружение на родовите од Македонија се уште стои.

И член на македонско-бугарската комисија поврзан со Каракачанов

Проверката на РСЕ на бугарските јазик во тамошниот централен регистар покажува дека заменик претседател на Бугарското здружение на родовите од Македонија е Наум Кајчев. Тој ,исто така, е заменик претседател на Македонскиот научен институт, но и член на заедничката комисија меѓу Македонија и Бугарија за историски и образовни прашања.

Пратеникот од ВМРО-БНД Јулијан Ангелов на прашањето на бугарскиот сервис на РСЕ за поврзаноста на партијата и овие организации одговори:

“Претстап ли е што е финансиран Македонскиот институт“, праша пратеникот и додаде дека Слободна Европа има проблем ако продолжува да им угодува на македонистите во Скопје.

РСЕ се обиде да добие и коментар од министерот Каракачанов, но тој не одговори на телефонските повици.

Инаку македонско-бугарска комисија, во која Кајчев е и член и заменик копретседавач, ќе одржи онлајн состанок следната недела на трети и четвтри декември.

Во понеделникот бугарското Министерството за надворешни работи наведувајќи што се прекршило Скопје од Договорот за добрососедство меѓудругото го спомена и составот на македонскиот тим во комисијата.

„Во составот на комисијата од страна на Република Северна Македонија се вклучуваат членови кои не се хабилитирани (кои ја докажале својата способност во рамки на универзитет н.з.) лица, но дури и не се историчари“, велат од бугарското МНР.

Другата страна не може да го уредува составот на комисијата

На оваа забелешка одговори Драги Ѓоргиев, копретседавач и шеф на македонскиот тим историчари во заедничката мултидисплинарна комисија кој рече дека таа е апсурдна.

„Составот на Комисијата од македонска страна е внатрешна работа и никаде во Договорот не дава право на другата страна да го коментира или уште повеќе да го одредува составот на Комисијата. Освен тоа, во називот на Комисијата стои дека таа е мултидисциплинарна и експертска. Оттука се очекува Комисијата да биде составена не само од историчари и да има мултидисциплинарен пристап “, вели Ѓоргиев.

Инаку, последната средба на комисијата се одржа во Скопје на 15 и 16 октомври и на неа немаше договор за револуционерот Гоце Делчев, но беа постигнати мали поместувања за учебниците.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG