Прекината пробата за инаугурацијата на Бајден поради пожар во близина

Пожар во камп за бездомници во Вашингтон

Американските безбедносни сили ги евакуираа учесниците во пробата за инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден пред Капитолот во Вашингтон, откако во близина избувнал пожар.

Капитолот беше накратко затворен, а пробата одложена, откако бил забележан пожар во камп за бездомници неколку блока подалеку.

Вашингтон е во состојба на готовност поради можни насилни протести во пресрет на инаугурацијата на Бајден на 20 јануари.

Повеќе од 20 илјади вооружени припадници на Националната гарда се испратени за поддршка на локалната и федералната полиција оваа недела, откако демонстрантите упаднаа во Конгресот на 6 јануари при што загинаа пет луѓе, од кои еден полицаец.

Многу улици околу Капитолот се блокирани за сообраќај, а околу зградата е подигната ограда висока 2 метри.

Кампот за бездомници во кој изби пожар е оддалечен еден километар од Капитолот. Сè уште е нејасно како почнал пожарот и дали има повредени.
Учесниците на пробата, меѓу кои и воениот оркестар, беа упатени во затворени простории на безбедна локација во Капитолот.