Достапни линкови

Полициски час по упадот на про - Трамп демонстрантите во Конгресот на САД


Демонстранти влегоа во Конгресот на САД.

Поддржувачи на актуелниот претседател на САД Доналд Трамп насилно влегоа во зградата на американскиот Конгрес, каде беше започнат процесот за потврда на победата на новоизбраниот претседател Џо Бајден. Во Вашингтон е прогласен полициски час

Демонстрантите насилно ги урнаа металните барикади кои се наоѓаат на крајот од Капитол Хил, каде заседаваше Конгрсот кој треба да ги потврди изборните резултати. Голем дел од нив стигнаа до влезот на зградата, а според американскиот Си-Ен-Ен, некои демонстранти влегле во зградата.

Некои од нив стигнаа до влезот на зградата на Конгресот, а како што објави Ројтерс тие стигнале и до просториите на Сенатот. Една жена е во критична состојба, откако во просториите на Капитол била застрелана во градите.

Информацијата ја пренесоа Си-Ен-Ен и Асошиејтед Прес. Околностите во кои се случило пукањето сè уште се нејасни. Ранетата е пренесена во болница.

Потврдата на изборните резултати беше паузирана, а градоначалничката на Вашингтон нареди започнување на полициски час од 18 часот по локално време.

Поддржувачите на американскиот претседател Доналд Трамп влегуваат во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година во Вашингтон.
Поддржувачите на американскиот претседател Доналд Трамп влегуваат во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година во Вашингтон.

По ваквите настани вечерва се обрати и новоизбраниот претседател Џо Бајден, кој рече дека случувањата во Капитол не ја претставуваат вистинската Америка.

Денешната ситуација, според него, покажува дека демократијата во САД е „кревка.“ Тој го повика Трамп да ги запре протестите пред Конгресот, а дека републиканците и демократите треба заедно да се спротивстават на ваквите случувања.

„Она што го гледаме е мал број на екстремисти кои се посветени на бесправна држава, ова не е ред, ова е неред, ова е хаос. Ова мора да запре, јас ја повикувам оваа маса на луѓе да се повлече и да овозможи демократијата да оди напред“, рече Бајден.

Бајден додаде дека зборовите на претседателот вредат, без разлика колку тој е лош или добар претседател и го повика претседателот Трамп „веднаш“ да излезе на национална телевизија, да го почитува Уставот и да ја повлече „опсадата.“

„Јас сум тажен и шокиран за тоа што ѝ се случува на нашата нација, која толку долго работеше на демократијата. Ова е еден мрачен момент“, рече Бајден.

Луѓето се засолнуваат во галеријата на Домот, додека демонстрантите се обидуваат да влезат во американскиот Капитол во Вашингтон. 6 јануари 2021 година.
Луѓето се засолнуваат во галеријата на Домот, додека демонстрантите се обидуваат да влезат во американскиот Капитол во Вашингтон. 6 јануари 2021 година.

Пред обраќањето на Бајден, демонстрантите кршеа прозорци, додека на снимките на Си-Ен-Ен се гледа како еден од нив седи на столот на спикерот на Сенатот. Националната гарда беше распоредена, заедно со сојузните безбедносни сили, изјави портпаролот на Белата куќа.

Пентагон соопшти дека околу 1100 припадници на Националната гарда се распоредени за да ѝ помогнат на полицијата, додека приврзаниците на американскиот претседател се наоѓаат во зградата на Конгресот, пренесува АП.

Приврзаниците на американскиот претседател Доналд Трамп реагираат на солзавец за време на судир со полицијата пред зградата на Капитол во САД.
Приврзаниците на американскиот претседател Доналд Трамп реагираат на солзавец за време на судир со полицијата пред зградата на Капитол во САД.

Претставниците на двата дома беа во Конгресот каде се одвиваше процесот на потврдување на изборните резултати, последниот чекор за потврда на победата на Џо Бајден.

Трамп во меѓувреме на Твитер ги повика демонстрантите да заминат дома, а бројот на демонстранти пред Капитол Хил е намален, како што јавија повеќе светски медиуми.

„Знам за вашата болка, знам дека сте повредени, имавме избори кои се украдени од нас и сите тоа го знаат, особено другата страна, но сега морате да заминете дома. Мораме да имаме мир, мораме да имаме закон за ред“, рече во видео порака Трамп по обраќањето на Бајден.

Претходно, потпретседателот Мајк Пенс ги напуштил просториите на Сенатот, како што објави Ројтерс.

АП наведува дека биле евакуирани одредени канцеларии на Конгресот поради „полициски активности“.

Американскиот Конгрес претходно го почна процесот со кој ќе ја потврди победата на новоизбраниот претседател Џо Бајден. Се очекува процесот да биде потенцијално оспорен и долготраен поради претходно најавените приговори на републиканците кои го поддржуваат претседателот Доналд Трамп.

Поддржувачите на Трамп се обидуваат да ја пробијат полициската бариера во Кпитол во Вашингтон. 6 јануари 2021 година.
Поддржувачите на Трамп се обидуваат да ја пробијат полициската бариера во Кпитол во Вашингтон. 6 јануари 2021 година.

Потпретседателот Мајк Пенс пред почетокот на седницата на Конгресот, издаде соопштение во кое се наведува дека дадената заклетва дека ќе го почитува Уставот, го спречува самостојно да преземе овластување кои електорски гласови би требало да бидат преброени, а кои не.“

По почетокот на седницата, членовите на Претставничкиот дом и на Сенатот се повлекоа во своите простории за да разговараат за приговорите за изборните резултати во државта Аризона каде победи Џо Бајден.

Приговорот го поднесоа републиканските пратеници кои ќе имаат два часа да разговараат за ова прашање.

На почетокот на дебатата, лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот Мич Меконел рече дека повторно гласање на претседателските избори „трајно ќе и наштети на нашата република.“

„Не можеме едноставно да се прогласиме за национален изборен комитет на стероиди. Гласачите, судовите и државите, сите го кажаа своето мислење. Ако ги надгласаме, тоа засекогаш ќе ѝ наштети на нашата република“, рече Меконел.

Чак Шумер, лидерот на демократите во Сенатот, рече дека пратениците кои се противат на резултатите се малцинство и дека ќе „изгубат.“ Тој додаде дека Конгресот не треба да го одредува резултатот на изборите туку „народот“.

Претходно денеска пред упадот на демонстрантите во Капитол Хил, актуелниот американски претседател Доналд Трамп се обрати пред илјадниците собрани негови поддржувачи во близина на Белата куќа, пред самиот почеток на заседавањето во Конгресот, каде почна процесот со којтреба да биде потврдена победата на новоизбраниот претседател Џо Бајден.

„Никогаш нема да се предадеме. Никогаш нема да го признаеме поразот“, рече Трамп додека луѓето на собирот извикуваа „Го сакаме Трамп“.

„Не го признавајте поразот кога станува збор за кражба. Нашата земја претрпе премногу и нема да дозволиме повеќе“, рече Трамп додавајќи:

„Овие избори се украдени од мене, од вас, од оваа земја“, рече Трамп тврдејќи повторно дека изборите се украдени.

Поддржувачи на претседателот Доналд Трамп пред Капитол, во Вашингтон.
Поддржувачи на претседателот Доналд Трамп пред Капитол, во Вашингтон.

Тој повеќе пати рече дека „земјите од третиот свет имаат пофер избори од американските“, дека медиумите не се фер. Тој критикуваше одредени републиканци , нарекувајќи ги слаби и го повика потпретседателот Мајк Пенс „да ја направи вистинската работа“.

Тој рече дека потпретседателот треба да ги врати гласовите на државите на повторно потврдување и дека на тој начин „ние ќе победиме“, рече Трамп.

Улогата на потпретседателот во процесот на потврдување на гласовите во Конгресот е церемонијална и тој нема моќ да ги поништи резултатите на изборите, и покрај тоа што се наоѓа под притисок на претседателот Трамп да го стори тоа.

Џо Бајден победи на ноемвриските избори со повеќе од седум милиони гласови и разлика од 306 електорски гласови, но Трамп тврди дека станува збор за изборна измама.

Федералните и државните судови во неколку случаи ги оспорија тврдењата на сојузниците на Трамп, но група сенатори предводени од Тед Круз се обидуваат да ги оспорат резултатите од Изборниот колеџ во текот на денешните постапки.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG