ЕУ без конкретен одговор кога ќе пристигнат ветените вакцини на Западен Балкан

Илустрација

Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, не беше во можност да каже кога Македонија и другите земји во регионот ќе ги добијат вакцините против ковид-19 ветени од ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Шефчович повтори дека Европската комисија и земјите членки го „поддржуваат“ и „се солидарни“ со Западниот Балкан, како и со другите земји од источното и јужното соседство на ЕУ, во борбата против вирусот.
Потпретседателот меѓутоа не одговори јасно на прашањето на МИА кога Македонија ќе ги добие вакцините, ниту зошто не се пристигнати ветените дози од Грција и Бугарија.

Денеска министрите за европски прашања одржаа состанок во пресрет на самитот на лидерите на ЕУ кој е закажан за 21 јануари, и разговараа, меѓу другото за кампањата на вакцинација во ЕУ.

Самата ЕУ се соочува со внатрешни тензии поради неефикасна координација помеѓу земјите членки во набавката на вакцините.
Шефчович истакна дека ЕУ е „главен донатор“ на механизмот Ковакс, кој има за цел да им помогне на земјите со пониски приходи да добијат вакцини за своето население.

„ЕУ ќе стори сѐ за Ковакс да донесе резултати“, изјави Шефчович.
Денеска, премиерот Зоран Заев рече дека Србија ќе ѝ даде на Македонија 8000 дози од вакцината на Фајзер/БиоНТек. Тоа се први вакцини кои ќе пристигнат во земјава.