Мицотакис до ЕУ: Вакцинален сертификат за слободно движење

Кирјакос Мицотакис

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, со допис до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и до шефовите на државите на Европската унија (ЕУ), предлага усвојување на стандардизиран сертификат за вакцинација за слободно движење на граѓаните кои веќе се вакцинирани, јави МИА од Атина.

„Ние нема вакцинацијата да ја направиме задолжителна или предуслов за патување, но лицата кои се вакцинирани би требало да патуваат слободно. Ова, исто така ќе претставува позитивен поттик за охрабрување на граѓаните да се вакцинираат, што е и единствениот начин да гарантираме враќање во нормала. Врз основа на горенаведеното, итно е да усвоиме заедничко разбирање за тоа како треба да се структурира сертификатот за вакцинација за да биде прифатен од сите земји членки“, пишува Мицотакис до челниците во ЕУ.

Во писмото испратено денеска, Мицотакис вели дека „клучен чекор во оваа насока е да се воспостави стандардизиран сертификат што ќе докажува дека лицето е успешно вакцинирано“.

Паралелно, заедно со писмото го испраќа и нацрт сертификатот подготвен од надлежните грчките власти и додава дека ќе се користи за сите превозни средства, воздушни, морски и железнички.