Во скопските болници има 370 ковид пациенти и 120 слободни места

Илустрација - Ковид-19 центар во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 29 нови пациенти поради компликации од корона вирусот со што на инфективните оддели во главниот град има вкупно 370 лица сомнителни и потврдени за Ковид -19, информираа денеска од Министерството за здравство (МЗ).

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 10 приеми, а во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 8 нови приеми на пациенти и 11 на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 30 оздравени пациенти.

„Вкупно 370 пациенти потврдени и сомнителни за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Бројот на приеми во изминативе денови е намален и утрово до 8 часот имало 120 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“, соопшти денеска МЗ.

Сите инфективни одделенија, наглауваат од Министерството, имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.