Русковска- одбраната не докажа дека Василевски не бил во седиште на политичката партија

Обвинителката Вилма Русковска

Сметам дека одбраната не успеа во намерата да докаже дека Александар Василевски Нинџа не бил во седиштето на политичката партија, изјави обвинителката Вилма Русковска, по денешното судење за организаторите на настаните во Собранието од 27 април.

Вештото лице кое го ангажирале, посочи Русковска, требаше да ги земе оригиналните цедиња од мобилните оператори и врз база на тоа да извеши вештачење, а не да вештачи врз основа на скенирани докази на обвинителството.

„Ако се погледат листинзите од движењето на Александар Василевски Нинџа на тој ден ќе се види дека едниот телефон бил исклучен некаде по 16 часот, а вклучен по 22 часот. Другиот телефон пак е исклулен некаде по 18 часот и тој е вклучен некаде пос 22 часот. Тоа е според листинзите кои обвинителството ги прибави од мобилните оператори“, изјави Русковска.

Видете и ова: Мицкоски не дојде да сведочи за Организатори на 27 април

Претходно во текот на денешното рочиште сведокот Мирослав Котевски, вешто лице од областа на информатичката технологија, рече дека од вештачењето на мобилниот телефон на обвинетиот Александар Василевски Нинџа на 27 април 2017 година тој од 16 до 23 часот, првпат е лоциран на базната станица на ССМ, околу 16 часот, потоа на новата базна станица на Телеком, односно се движел по кеј до плоштад.

„Од 18:30 до 21 часот се регистрира на базната станица на АРМ, за на кратко да биде регистриран на Жена парк и потоа северно кон ГТЦ и зградата на ССМ“, изјави вештакот кој додаде дека следно Василевски се конектира во 22 часот на Алмако и базната станица на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”. Судењето познато во јавноста како „Организаторите на 27 април“ продолжува на 25 декември.