За 30 проценти се намалени средствата за партии, велат и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ

Илустрација.Собраниска седница

Партиите денеска го повторија ставот дека во саботата донесениот Законот за финансирање на политички партии предвидува намалување на средствата што се предвидени за политички партии и тоа по 30 отсто за оваа и следната година.

Пратеничката на СДСМ Фаница Николоска, истакна дека ако се спореди со 2019 година токму поради економската криза предизвикана од коронавирусот има намалување со 30 отсто.

"Владата предводена од СДСМ покажа во духот на солидарноста дека е секогаш спремна да им помогне на граѓаните со предвидување финансиски средства со кој што беа опфатени граѓаните од најранливите категории со изминатите три пакети мерки, сега на ред е и четвртиот пакет мерки, рече Николоска.

Никола Мицески, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ повтори дека средствата за политичките партии се намалени и оти опозициските пратеници, онака како што најавиле, учествувале при носењето на законите поврзани со ковид – кризата.

"Практично со новото законско решение го намаливе финансирањето на политичките партии, кое што законски е уредено на 70 проценти, за оваа и наредната година или во суштина за 60 проценти намалување на финансирањето на политичките партии во наредните две години, имајќи ја во предвид економската, здравстената криза и она што значи работа на државата во наредниот период" рече Мицески.

Повеќе пари од буџетот за партиите, а помалку од донаторите

До искажување на ист став на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ за парите за финансирње на партиите доаѓа во време кога голем број закони остануваат заглавени во Парламентот поради немањето консензус за Деловникот па пратениците кои се заболени од корона вирус не може да гласаат онлајн.

Пратеници по пижами на онлајн седници – Филибастеринг или неодговорност?

Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Левица и коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива поднесоа над 3000 амандмани за да го блокираат донесувањето на измените на собранискиот Деловник со кои треба да се овозможи пратениците заболени од коронавирус да може да учествуваат на седниците онлајн. ВМРО-ДПМНЕ поднесе 1350 амандмани, Левица околу 1400, а Алијанса/Алтернатива околу 400. Опозицијата смета дека работењето на Собранието онлајн е противуставно и затоа сака да ги блокира измените. Владејачката СДСМ смета дека се работи за неодговорност.