Достапни линкови

Пратеници по пижами на онлајн седници – Филибастеринг или неодговорност?


Илустрација

Со стотици апсурдни амандмани кои предвидуваат при работа онлајн по 20 часот, пратениците задолжително да носат пижами или да не смеат да се вклучуваат на седниците од тоалет, опозицијата се обидува да ги блокира измените на Деловникот, кои треба да дозволат работа од далечина.

Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Левица и коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива поднесоа над 3000 амандмани за да го блокираат донесувањето на измените на собранискиот Деловник со кои треба да се овозможи пратениците заболени од коронавирус да може да учествуваат на седниците онлајн. ВМРО-ДПМНЕ поднесе 1350 амандмани, Левица околу 1400, а Алијанса/Алтернатива околу 400. Опозицијата смета дека работењето на Собранието онлајн е противуставно и затоа сака да ги блокира измените. Владејачката СДСМ смета дека се работи за неодговорност.

Сепак, најголеми реакции на социјалните мрежи предизвикаа бесмислените амандмани на двајцата пратеници на Левица, со кои тие се пофалија на социјалните мрежи. Меѓу другото, нивните амандмани предвидуваат пратениците да учествуваат на седниците телепатски, при работење од дома да смеат да се вклучат во работата на Собранието само од дневна или од работна соба, но не и од тоалет или спална, како и дека ако работат после 20 часот, треба да носат пижами. Дел од амандманите објави пратеникот Димитар Апасиев од Левица.

Реагираше и премиерот Зоран Заев.

Дел од граѓаните на социјалните мрежи ја критикуваат Левица дека се однесува неодговорно, и со пубертетски хумор троши време и пари и ја блокира работата на Парламентот. Други, пак, потсетуваат дека вакви случаи имало и во минатото и потсетуваат дека сегашниот претседател на Собранието Талат Џафери, во 2012 година тогаш како пратеник,читаше поезија на седниците, во обид да го спречи донесувањето на Законот за бранители.

Едни велат дека со ваквото несериозно однесување се девалвира Собранието, но други сметаат дека Собранието и досега се девалвирало како гласачка машинерија на власта.

Дел од граѓаните велат дека ова е бадијала трошење време и пари.

Едни го фалат духовитиот начин на филибастеринг.

На други, амандманите на Левица воопшто не им се смешни.

Едни критикуваат за неодговорност во време на пандемија.

Други, пак, потсетуваат дека филибастеринг се правел и порано, а Собранието може да работи и без пратениците заболени од ковид-19, кои и онака се на боледување.

Трети, пак, повикуваат на разум.

Обиди за филибастеринг, успешни и неуспешни, имаше во Парламентот и досега. Џафери, со молчењето и читањето поезија, но и со поднесените илјадници амандмани од ДУИ го спречи донесувањето на Законот за бранители. ВМРО-ДПМНЕ пред две години поднесе над 30 илјади амандмани на Законот за јазици, но тој сепак беше донесен. ДУИ лани поднесе над 5000 амандмани за да ги спречи измените на Изборниот законик и успеа во тоа, а СДСМ со стотици амандмани се обидуваше да го блокира буџетот за 2013, но власта тогашнасила ги исфрли опозициските пратеници и новинарите од Собранието.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG