ВМРО - ДПМНЕ најави нови протести во 11 градови

Фотографија од протестот пред Владата по интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС

Протестите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за изразување на незадоволство од работата на Владата и по изнесените ставови на премиерот Зоран Заев во неодамнешното интервју за БГНЕС за македонско-бугарските односи, денеска попладне продолжуваат со нови собири во 11 града.

„Заедно со народот продолжуваме против продажбата на татковината. Народот се буди и нема назад. Срамот на Заев не е заеднички. Да не дозволиме да ја менува историјата, туку да пратиме порака тој да замине во историјата. Протест сега, за да не биде предоцна“, напиша лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил.

Опозицијата и дел од јавноста остро протестираа против изјавите на премиерот Заев во интервјуто за БГНЕС во кое тој вели дека „Бугарија не е фашизам и дека имаме заедничка историја“.

Поради тоа, денеска, со почеток во 18 часот, се најавени протести во Струга, во Гостивар, во Кичево, во Македонски Брод, во Крушево, во Крива Паланка, во Кратово, во Свети Николе, во Неготино, во Струмица и во Гевгелија.