Достапни линкови

Викенд на интензивни пораки меѓу Скопје и Софија


Архивска фотографија- Македонскиот премиер Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија, 10 ноември 2020
Архивска фотографија- Македонскиот премиер Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија, 10 ноември 2020

Очекувањата дека викендов може да има исход за проблемот поради кој се во застој македонските евроинтеграции ги подгреаа владата, опозицијата и дипломатски извори.

Македонскиот премиер Зоран Заев на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук денеска најави дека продолжуваат да се бараат решенија со Бугарија за разликите меѓу двете земји.

„Македонскиот народ секогаш бил и ќе биде со поглед напред. Сите премрежја, окупации и блокади беа надминувани и надминати заради желбата за подобро утре и подобар живот. Така е и сега. Гледаме напред, кон Европа, тоа е единствениот пат кон нашето подобро утре. Изолациите ги оставаме во минатото бидејќи знаеме дека македонската иднина е европска. Во тоа име, продолжуваме да бараме решенија. Само така е европски, само така е македонски. Во ЕУ ќе влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик!“, наведе премиерот.

Оваа порака следува откако неговиот бугарски колега Бојко Борисов во интервју за денешното издание на германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг рече дека компромисот е возможен, но дека исто така треба да се познава историјата.

„Бугарските комунисти и Комунистичката интернационала, контролирана од сталинистичка Москва сакаа од идеолошки причини по Втората светска војна насилно да ги преобратат Бугарите во Македонија во Македонци. Бугарите таму беа принудени да се нарекуваат Македонци. Ако сега во процесот на присоединување кон Европската унија се појават определени погрешни тврдења и јас не реагирам, моите политички опоненти ќе ми кажат- Борисов ја продава бугарската историја и попушта под притисокот на европските партнери“, вели Борисов.

Порака од САД

Додека е јасно дека меѓу Софија и Скопје и јавно се упатуваат пораки, македонската влада денеска објави дека пред два дена премиерот Заев добил писмо од помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент Филип Рикер. Една од пораките во него е упатена и до Заев и до земјите членки на Европската унија.

„Ве охрабруваме и вас и земјите членки на ЕУ да продолжите да барате решение за билатералните прашања надвор од процесот за интеграција на вашата земја во ЕУ и да остварувате прогрес во овие аспирации со отворање и затворање на поглавјата во преговорите. Високо ги оценуваме вашите напори да ги водите разговорите во духот на добра волја и да одржувате посветеност во обезбедувањето европската иднина на Северна Македонија која земјата покажа дека ја заслужува“, пишува амбасадорот Рикер.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи пак пред два дена рече дека можен е патоказ за следење на Договорот со Бугарија како дел од ЕУ-процесот, но не и како дел од преговарачката рамка.

“Во идните денови оваа тема ќе биде отворена со бугарската страна, по што ќе се знае дали ќе има надминување на отворените прашања“, рече Османи во интервју за емисијата 360 степени.

Тој всушност е прв човек на министерството кое ги води разговорите меѓу двете земји, во пресрет на осми декемри, денот на кој треба да се одржи состанокот на Советот за општи работи на Европската унија кој се смета за последна можност да почнување на преговорите со унијата во рамки на германското претседателство кое трае до 31 декември.
Таа можност, за почнување на преговорите со унијата до крајот на годинава, ја сугерираше и Рикер во писмото до македонскиот премиер Заев.

„Вашата земја покажа дека е доверлив сојузник во НАТО и голем пријател на САД. Пристапувањето на вашата земја во ЕУ останува наш врвен заеднички интерес и ние ќе продолжиме да го застапуваме настојувањето и поддршката заедно со нашите европски партнери за одржување на меѓувладината конференција со Република Северна Македонија за време на германското претседателство со ЕУ“, пишува амбасадорот Филип Рикер.

Што навестија владата, опозицијата и дипломати?

Можноста за договор Скопје-Софија викендов на домашната сцена ја подгреаа и владата и и опозицијата. Владата за телевизијата Телма потврди дека постои размена на мислења за усогласување на заеднички акциски план или патоказ за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија.

„Целта на разговорите, кои се интензивирани викендов, е да се врати довербата во Договорот за добрососедство, особено зајакнување на неговата ефикасност и функционалност“, рекоа од Владата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој вчета говореше на протестот пред зградата на Владата што го организираше неговата партија пак спомена дека викендов има разговори во Софија.

„Имам информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет да не дозволиме и од утре внимателно да ја блокираме Македонија секој нареден ден“, рече вчера Мицкоски.

И според според дипломатски извори за РСЕ во Брисел викендов се сметаше за клучен за постигнување договор меѓу меѓу двете земји.

Историската комисија со отежната работа

Но, пред состанокот на Советот на министри на ЕУ, во четврток и петок онлјан средба треба да одржи заедничката македонско-бугарска мешовита комисија за историски и образовни прашања.
Можноста нивната работа да биде отежнета со бугарските инсистирања ја навести и копретседавачот на комисијата од бугарска страна Ангел Димитров.

Тој во интервју за бугарското национално радио БНР вчера рече дека интервјуто на македонскиот премиер Заев за бугарската агенција БГНЕС може да е игра на политичката сцена и дека за да се земе кажаното како сериозно, треба да има и нешто посериозно, како меѓународно-правен документ. Тој вели дека тоа што го кажа Заев треба да биде внесено и во официјален документ во кој јасно ќе се нагласат новите позиции, кои што вели, се во согласност со Договорот за пријателство и добрососедство.

Димитров е категоричен дека откако Заев го направи тој чекор, да признае дека двете земји имаат заедничка историја и дека Бугарите не се фашистички окупатор, треба неговата партија да направи напор, чекор напред, а не , како што вели, ова да остане да виси во воздух. Според него по новиот развој на настаните во Скопје и тонот на разговорот во заедничката комисија ќе биде емотивен од страна на македонскиот тим.

Инаку Заев во интервјуто за БГНЕС, кое предизвика лавина реакции во македонската политичка и општествена јавност, рече дека имаме заедничка, а не споделена историја, дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, дека Југославија не разделуваше, дека Бугарија не е фашизам, туку наш пријател, а дека имало некоја администрација во почетокот, а оти потоа Бугарија се дигнала заедно со антифашизмот.


  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG