УНХЦР: Повеќе од 40.000 бегалци од Етиопија побегнаа во Судан

Етиопјани кои бегаат од борбите во регионот Тиграј, со чамци ја преминуваат реката Сетит на границата Судан-Етиопија

Повеќе од 40 000 бегалци од Етиопија пристигнаа во Судан од 10 ноември, бегајќи од офанзива на владините сили во регионот Тиграј, соопшти Високиот комесаријат за бегалци УНХЦР. Границата со Судан ја преминале 40.277 Етиопјани, од кои 45 проценти се деца под 17 години, 51 процент се возрасни лица под 59 години и четири проценти се стари лица, соопшти УНХЦР, додавајќи дека 53 проценти од бегалците се мажи и 43 проценти се жени.

Египет, Етиопија и Судан блиску до договор за браната на Нил

Агенцијата наведува дека повеќе од 3.000 луѓе доаѓаат во Судан секој ден и оти во следните неколку месеци, бројот на бегалци може да достигне до 100.000 ако конфликтите не запрат. На 4 ноември, премиерот на Етиопија, Аби Ахмед, започна воена офанзива против силите на Ослободителниот фронт на народот на Тиграј кои управуваат со тој регион. Тиграјците се пет проценти од населението во Етиопија, но тие долго време имаат значително влијание во земјата.