Осумдесет проценти од регистрираните случаи со ковид-19 се асимптоматски


Претседателот на Комисијата за заразни болести, доктор Жарко Караџовски рече дека во просек 80 отсто од сите регистрирани случаи со ковид-19 се асимптоматски или се со многу лесна незначителна клиничка слика. Караџовски денеска заедно со министерот за здравство Венко Филипче одржа прес-конференција.

Доктор Караџовски вели дека 12 до 14 проценти имаат лесна клиничка слика односно се со лесно изразени симптоми, а два до четири отсто завршуваат на Клиника.

„За некого тоа се вика температура, слабост, малаксаност, кашлање, отежнато дишење, запушен нос, каде што пациентот ќе остане дома и ќе ја прима терапијата. Просечно, два до четири отсто завршуваат на Клиника. Овие два до четири отсто имаат најчесто воспалителен процес на белите дробови или некој друг коморбидитет што му ја усложнува клиничката слика“, рече Караџовски на денешната прес-конференција во одговор на прашање.

Тој посочи дека еден до четири отсто завршуваат на респиратор, а има во просек 15 до 20 хоспитализации дневно.