Хоти: Косово преговара со Србија единствено за меѓусебно признавање

Косовскиот премиер Авдулах Хоти

Косовскиот премиер Авдулах Хоти изјави по средбата со специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак, дека единствениот исход кој Косово го очекува од преговорите со Србија е меѓусебното признавање на двете држави. Хоти рече дека прашањето на Заедницата на општини со мнозинско српско население, кое наводно било главната причина за доаѓањето на Лајчак, за Приштина е затворено со потпишувањето на договорот од 2013 година во Брисел, и покрај настојувањата на официјален Белград тоа повторно да се актуелизира. Косовскиот премиер порача дека Заедницата ќе биде формирана, но секако нема да има извршни надлежности, а нагласи и дека во преговорите со Србија веќе воопшто не се споменува идејата за размена на територии и не се доведува во прашање унитарниот карактер на косовската држава.


Тачи: Дијалогот со Србија нема алтернатива

Лајчак вчера ја започна дводневната официјална посета на Приштина, каде што, освен со Хоти, се сретна со претседателката на Собранието на Косово, Вјоса Османи. За денеска се предвиени средби со претседателот Хашим Тачи и со лидерите на најголемите политички партии од власта и опозицијата. Според најавите од Брисел, по завршувањето на посетата на Приштина, в четврток, на 15 октомври, Лајчак ќе отпатува во официјална посета на Белград.