Во Осло ќе биде објавен добитникот на Нобеловата награда за мир

илустрација

Комитетот за мир, специјално избран од норвешкиот парламент, денеска во Осло ќе го објави името на добитникот на Нобеловата награда за мир. Актерите во борбата против климатските промени, вклучително и шведската активистка Грета Турнберг, се споменуваат во медиумите како фаворити за годинашната награда. Во светло на борбата против дезинформациите, медиумските организации како што се „Репортери без граници“ со седиште во Париз и Комитетот за заштита на новинарите во Њујорк исто така се споменуваат како можни добитници.

Нобелова награда за хемија за научнички од Франција и Германија

Нобеловата фондација објави дека има 318 номинации за годинашната награда за мир. Лани добитник беше етиопскиот премиер Аби Ахмед, а првата Нобелова награда за мир во 1901 година ја поделија Швајцарецот Жан-Анри Динан, основач на Црвениот крст и Французинот Фредерик Паси, основач и претседател на Француското друштво за арбитража. Наградата за мир, се доделува во Осло за разлика од другите Нобелови награди - во Стокхолм традиционално на 10 декември, денот на смртта на основачот на наградата, шведскиот научник и индустријалец Алфред Нобел (1833-1896), пронаоѓач на динамитот.