Кремљ: да не се поврзува случајот Навални со гасоводот Северен тек 2

Пловечки багери подготвуваат подводен ров за гасоводот Северен тек 2

Кремљ соопшти дека не треба да има никаква врска меѓу гасоводот „Северен тек 2“ од Русија до Германија и случајот со опозицискиот лидер Алексеј Навални, за кого Берлин вели дека бил отруен во Русија со нервен отров.

„Ова е комерцијален проект кој е апсолутно во согласност со интересите и на Русија и на земјите од Европската унија, а пред се на Германија“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Нови тензии меѓу САД и Германија за „Северен тек 2“

Германија беше еден од најголемите поборници за „Северен тек 2“, но коалициската влада на канцеларката Ангела Меркел се соочува со повици да го запре гасоводот по сомневањата за труење на Навални, доколку Москва не соработува со транспарентна истрага.

Австрија не се откажува од гасоводот „Северен тек 2“

На Навални му се слошило на руски домашен лет на 20 август и бил медицински евакуиран во Германија, каде што воената лабораторија открила дека антикорупционерот бил отруен со воен нервен отров познат под името Новичок. Лабораториите во Шведска и Франција се согласија со заклучоците на германските лекари.

Украина и членките на ЕУ- Полска, Естонија, Летонија и Литванија се против „Северен тек 2“, а Соединетите Држави се обидоа да го запрат проектот со санкции што ги налутија европските метрополи.