Брзи тестови за коронавирус на Клиниката за пулмологија и алергологија

Тест за коронавирус

На Клиниката за пулмологија и алергологија ќе биде воведен тест кој за 40 минути ќе покаже дали одреден пациент има коронавирус или некој друг вирус, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

„Тие тестови и досега ги имаше, со тоа што во палетата го немаше овој Sars-Cov-2. Таков апарат ќе биде инсталиран во амбулантата на Клиниката за пулмологија, како и на Клиниката за инфективни болести. За 40 минути ќе може да се детектира дали е пациентот позитивен на овој вирус или на некој од палетата останати вируси коишто вообичаено се јавуваат во есенските месеци“, изјави Филипче, кој денеска заедно со директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, Дејан Докиќ, го пуштија во употреба новиот модуларен амбулантско-поликлинички оддел, лоциран во непосредна близина на зградата на интерните клиники.

Од почетокот на епидемијата досега во Македонија има над 14800 регистрирани случаи на коронавирус, а 609 луѓе починаа од болеста. Досега се оздравени над 12 илјади заболени, а сè уште има 2200 заболени. Повеќе од три месеци секој ден има во просек над 100 заболени. Властите стравуваат од забрзано ширење на заразата со почетокот на есента.