БиХ ги отвора границите за сите странски државјани

Илустрација: Гранична полиција во Босна и Херцеговина

Босна и Херцеговина ги отвора границите за сите странски државјани, кои досега можеа да влезат во земјата, само под услов да имаат негативен тест за коронавирус не постар од 48 часа, изјави денеска претседателот на Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија. Тој рече дека тоа било договорено на состанокот со премиерите на Република Српска и Федерацијата на БиХ, Радован Вишковиќ и Фадил Новалиќ.

„На овој начин, БиХ создаде еднакви услови за сите земји во светот, освен за нашите непосредни соседи, кои сè уште имаат привилегирана позиција кога станува збор за влез во БиХ“, рече Тегелтија по состанокот.

Тој додаде дека владите на ентитетите со своите здравствени сектори ќе ги потврдат овие одлуки на нивните седници.

„По тоа, ние во Советот на министри формално ќе ја донесеме оваа одлука. Тоа ќе биде за многу краток временски период“, рече Тегелтија, пренесе РТРС.

Во БиХ денеска се регистрирани 283 нови случаи на коронавирус, а седум луѓе починаа. Од почетокот на епидемијата досега во земјата има над 20500 случаи на коронавирус, а 627 луѓе починаа. Над 13600 луѓе досега оздравеа од болеста, а во моментов има над 6200 активни случаи.