Продолжува забраната за свадби, крштевки и други свечености

Галичка свадба 2019. Илустрација.

Владата на денешната седница го усвои мислењето на Комисијата за заразни болести да не се прифатат барањата за измени на Протоколот за работа на угостителските објекти. Тоа значи дека со цел се спречи ширењето на ковид -19 останува забраната за организирање свечености со музика односно свадби, матури, крштевки и слично во угостителските објекти.

Сојуз на стопански комори: Протоколи или протести

Сојузот на стопански комори на Македонија вчера ја предупреди Владата ако итно не донесе протоколи за работа или мерки за економска помош на игротеките, приватните установи за едукација и грижа на деца, објектите за свадби, родендени и крштевки, ќе следуваат протести. Од сојузот алармираа дека повеќе од 1000 субјекти се пред пропаѓање.

Нови 119 случаи на коронавирус, 5 починати и 297 оздравени лица

Во последните 24 часа се направени 2.065 тестирања, а регистрирани се 119 нови случаи со ковид-19. Починати се пет пациенти и 297 оздравени пациенти. Вкупната бројка ковид дијагностицирани во државата од почетокот на епидемијата изнесува 13.914, бројката на оздравени пациенти е 10.507, на починати е 578, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.829.